февруари 28, 2023

Психо-социјално советувалиште „ЗБОР ПО ЗБОР“

Современото живеење наметнува динамично темпо на живот, исполнето со обврски и рокови кои бараат целосен ангажман од лицето на секое поле: лично, семејно и професионално, па често доаѓа до конфликти (внатрешни и надворешни) во неможноста подеднакво да се одговори на барањата.


Од друга страна, во услови на низок економски, образовен, културен и социјален статус се наметнуваат потешкотии кои произлегуваат од неможноста за задоволување на основните лични потреби и потребите на семејството и стремежот да се следат современите текови на живеење.
Со разивањето на сите техничко-технолошки иновации и пристапноста на информации од секаков вид, децата и младите стануваат се посвесни за сопствените потреби и нивните барања стануваат поголеми и доведуваат до конфликти во семејството како резултат на судир на генерации, конфликти во училиште и пред се внатрешни конфликти поради неможноста за разешување на истите.

Ваквите, но и многу други состојби, ја нагласуваат потребата и оправданоста за работа на психо-социјално советувалиште „ЗБОР ПО ЗБОР“ во рамки на Црвен крст Охрид.

Тимот составен од психолози, педагог и социјален работник преку советување, користејќи методи на разговор, сугестија, интроспекција, набљудување ќе работат на подобрување на менталното здравје кај деца и млади, адолесценти и возрасни лица од Охрид и регионот. 


– Преку примена на метод на разговор, се откриваат интраперсоналните фрустрации и конфликти кај личноста. Со примена на сугестија, кај личноста се стимулираат способностите и мотивацијата за разрешување и надминуавање на истите;
– Се откриваат проблеми поврзани со социјална адаптација, социјална анксиозност, чувства на нелагодност и несигурност во група;
– Подобрување на емоционалните компетенции, детектирање на сопствените емоции и чувства, примена на метод на интроспекција и свесно соочување со негативните емоции и чувства, анализа на постапки и однесувања со цел преземање на целосна контрола на сопственото поведение;
– Детектирање на училишни проблеми поврзани со успехот во учењето, мотивираноста за учење и проблеми поврзани со внимание и концентрација;
– Соочување со стрес на работно место, анализа на професионалните способности и компетенции;
– Советување поврзано со животни искуства, предизвици, лични избори;
– Советување на лица кои се соочуваат со стресни и трауматски искуства.

Советодавната сесија трае еден час. По процена на тимот на советувалиштето, истата може да трае подолго или пократко во одредени случаи.
Правото на дискреција на клиентите е загарантирано со Етички кодекс на психолозите на Р.С. Македонија.


Разбијте ги стереотипите и предрасудите, мислете на себе и своето здравје и верувајте дека психо-социјалното советување во многу може да придонесе во правилно и навремено справување со стресот и подобрување на начинот на вашето живеење.

За повеќе информации и закажување достапни сме во просториите на Црвен крст Охрид секој работен ден од 9- 15 ч., на тел. 046 261 909 и 070 315 309 или на е-меил: ohrid@redcross.org.mk

 

< врати се назад