август 17, 2022

ПОЛЕТАРЧЕ-Програмата за подготовка на деца за во училиште

ПОЛЕТАРЧЕ-Програмата за подготовка на деца за во училиште која во организација на Црвен крст Охрид се реализираше во два циклуса од по 10 дена, во јули и август, беше одлична можност децата од 4-6 годишна возраст, кои сѐ уште не тргнале на училиште, преку игра, забава и дружење да ја развиваат и јакнат самодовербата, да стекнуваат вештини важни за успешно извршување на училишните задачи преку креативни вежби за броење, помнење и концентрација, вежби за размислување, вежби на графомоторика, вежби на фина моторика, вежби за осознавање и разбирање на просторните и временските односи, вежби за говорот и речникот, јазична и математичка писменост, социо-емоционални вежби, вежби за насочување и одржување на вниманието и друго.
Покрај овие задолжителни содржини, децата остварија и бројни општо корисни активности од забавно-едукативен карактер, кои ја поттикнуваа нивната социјализација, хуманост, снаоѓање и безбедно движење во надворешната средина и сообраќајот и друго.
Стручните лица во авто школото Stars Inzenering се погрижија да ги запознаат децата со опасностите и предизвиците во сообраќајот и начините за правилно и безбедно движење од и до училиште.
Децата ја проследија и Приказната за една идеја која им ги долови почетоците на создавањето на најголемото хуманитарно движење во светот, движењето на Црвениот крст.
Децата уживаа и во возењето по градските улици со комбето на Црвен крст Охрид, а забавата и дружењето беше зачинето со креативни друштвени игри.
Изразуваме голема благодарност до Авто школо СТАРС за вклученоста во програмата ПОЛЕТАРЧЕ како и до вработените во Црвен крст Охрид за помошта во реализација на истата.
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
< врати се назад