октомври 8, 2021

Обуки за прва помош на наставен кадар

Црвен крст Охрид како едно од своите приоритетни заложби го има ширењето на знаењата и вештините за укажување на прва помош со цел тие да бидат достапни за сите, како хуманитарен акт кој ги овластува луѓето да спасуваат животи и да помогнат во закрепнување од нагло настанати заболувања или повреди. Поседувањето на вештини за укажување на прва помош ги зголемува индивидуалните капацитите на секој човек за преземање на брза акција со цел намалување или стабилизирање на сериозни повреди и ги зголемува шансите за преживување на повредениот.

Училиштата во која се одвива образовниот процес и се спроведува настава, се многу значајна и сензитивна средина во однос на несакани состојби поврзани со здравјето на учениците и наставниот кадар. Токму затоа, од исклучителна важност е учениците, а особено наставниците, да имаат знаења и вештини за навремено и правилно укажување на прва помош.

Во таа насока, Црвен крст Охрид одржа бесплатна обука за укажување на прва помош за наставниот кадар во основните и средните училишта во Охрид и Дебрца. Обуката се спроведе во периодот од 5 до 8 октомври 2021 г., од страна на пет лиценцирани инструктори-предавачи по прва помош, онлајн, преку платформа ЗООМ и беа опфатени вкупно 266 учесници.

На обуката беше презентиран и британскиот прирачник по прва помош кој е компилација на искуството и добрите практики, напишан и одобрен од стручни лица на водечките организации во Г. Британија од областа на првата помош. Советите содржани во прирачникот се темелат на најновите истражувања, а се обработени и прикажани на начин на кој се олеснува учењето.

Со цел реализација на Светски ден по прва помош под мотото „Биди херој во своето училиште и заедница“, Црвениот крст оваа година ќе ги додели овие прирачници по прва помош на училиштата како би се покренала свеста и допринело за зголемување на постоечки знаења и стекнувања на нови во областа на прва помош.

< врати се назад