октомври 25, 2023

НАЈВИСОКА „А“ КАТЕГОРИЈА НА ЧЛЕНСТВО ВО ICAR

Со особена чест и задоволство, ја информираме целокупната македонска јавност дека Меѓународната Комисија за Алпско Спасување ICAR (International Commission for Alpine Rescue), на Генералното собрание, одржано на 21 октомври оваа година во Тоблах, Јужен Тирол, едногласно ја донесе одлуката за трансформација на членството на НСПС, од досегашната „Б2“, во највисоката „А“ категорија.
На тој начин, формално се заокружува еден долг, историски и макотрпен период, низ кој минаа македонските Алпинисти во изминатите 30-ина години, обидувајќи се во државата да воведат уште еден висок, меѓународен стандард, кој овој пат се однесува на една од најблагородните дејности, а тоа е спасувањето човечки животи.
Горди сме на сите постигнати резултати, но и свесни дека ова не претстваува своевиден „Врв“ на нашата работа, туку напротив, истото го доживуваме како почеток на патот за целосна имплементација на европските вредности во една единствена и ефикасна национална ПЛАНИНСКА СПАСИТЕЛНА СЛУЖБА, која ќе влева чувство на сигурност и ќе претставува гордост за нашите граѓани.
Краток историјат
На овој историски пат, Македонската Алпинистичка Заедница минуваше низ многу неизвесности, препреки, логични и нелогични потешкотии, но определбата за строго придржување до највисоките светски стандарди и единствената функционална меѓународна пракса, денес резултира со оваа потврда за нивно целосно исполнување.
Првите пионерски чекори за исполнување на стандардите и препораките на ICAR, ги направи „Здружението за заштита и спасување на планина и непристапни терени АСКЛЕПИЈ“ од Скопје, кое во 2015 г. ги реализира неопходните проценки од страна на стручните тимови на ICAR и во 2016г. на Генералното собрание кое се одржа во Банско, Република Бугарија, стана првиот наш претставник во семејството на ICAR.
На 19.10.2020 година, во Охрид, на иницијатива од Здружението АСКЛЕПИЈ и Планинската Спасителна Служба при Црвен крст Охрид, како најактивни организации во развојот на Планинското спаување во државата и во присуство на уште четири алпинистички и еден планинарски клуб, чии членови често се дел од спасувачките операции во различни краеви од државата, беше формиран Националниот Сојуз за Планинско Спасување. Целта на Сојузот е воведување на унифицирани национални стандарди за обука и делување на спасувачките тимови, кои се базираат на препораките од ICAR, како и воспоставување на ефикасна Планинска Спасителна Служба на територијата од целата држава.
Во април 2022 г. колегите од АСКЛЕПИЈ, предложија пренесување на членството во ICAR, од АСКЛЕПИЈ на НСПС како единствена национална организација, што беше и главна тема на разговор со претседателот на комисијата за терестријално спасување при ICAR, Г-дин Гебхард Барбиш, кој во таа прилика не посети во Охрид и овој предлог го пренесе до бордот на ICAR.
За време на годишната конференција во октомври 2022, која се одржа во Монтро, Швајцарија, делегацијата од НСПС го презентираше својот организациски концепт пред бордот и проценителите на ICAR, кои се согласија со предлогот за пренесување на членството од АСКЛЕПИЈ на НСПС и предложија Сојузот како национална организација, да ги подготви неопходните документи и да достави апликација за промена на категоријата на членството, од дотогашната „Б2“ во највисоката „А“ категорија на членство. Апликацијата беше подготвена и испратена на крајот од мај 2023 година, а на Генералното собрание во Тоблах, истата беше едногласно прифатена од страна на делегатите.
На тој начин, заокруживме еден многу значаен процес, за меѓународна верификација и афирмација на се она што беше сработено во изминатите триесетина години.
 
 
 
May be an image of text that says "I01R International Commn Alpine Rescue International Commission for Alpine Rescue I0R Certificate of Membership This certificate confirms the ICAR membership (type A, as defined in our bylaws) of NUMR- - National Union for Mountain Rescue, Republic of North Macedonia Approved the ICAR Assembly of Delegates on October 21th, 2023 in Toblach, Italy, Franz Stämhpfli ICAR President Ralph Näf ICAR Office, Secretary www.alpine-rescue.org"
 
 
< врати се назад