декември 9, 2025

5 Декември – Светски ден на волонтерството – ПРИСУТНИ СЕКОГАШ ВО НАШИТЕ ЗАЕДНИЦИ

Црвен крст Охрид традиционално и оваа година го одбележа Светскиот ден на волонтерството во знак на благодарност и признавање на сите наши волонтери за нивниот придонес, значење и улога во зајакнување на заедницата.

Овој ден е посветен на промовирање на волонтерството, како и поттикнување на институциите и граѓаните да ги поддржат напорите на волонтерските организации.

Под мотото „ПРИСУТНИ СЕКОГАШ ВО НАШИТЕ ЗАЕДНИЦИ“, оваа година ја истакнавме посветеноста на волонтерите од сите генерации – од најмладите до највозрасните – кои во духот на хуманоста несебично придонесуваат во реализирањето на бројни активности наменети за различни категории корисници на услугите на Црвен крст Охрид.

Црвен крст Охрид секогаш е отворен за сите добронамерни луѓе кои сакаат да ја споделат својата емпатија, знаење, професионалност и дел од своето слободно време во помош на ранливите групи.

Во таа насока, на одбележувањето на Светкиот ден на волонтерството од страна од Советот на општина Охрид, претседателот Перчо Божиноски и советникот Ана Крстевска, волонтерски ни се придружија во подготовка и дистрибуција на хуманитарни пакети со прехранбени производи и средства за хигиена за социјално загрозени семејства во нашиот град.

Оваа година посебно го истакнавме и крводарителството.

Уште еднаш упатуваме искрена благодарност до сите крводарители кои доброволно, хумано и без надомест ја даруваат најдрагоцената течност – крвта, спасувајќи човечки животи. Црвен крст Охрид со голема посветеност работи на промовирање, развој и унапредување на крводарителството во општините Охрид и Дебрца во текот на целата година. Благодарение на хуманоста на крводарителите, како и постојаната ангажираност на нашите вработени, волонтери и трансфузиолошките служби, се задоволуваат потребите за крв и крвни продукти за пациентите во локалните здравствени установи.

Доделени беа 32 плакати и благодарници на лица, медиуми, компании и јавни институции кои имаат особен придонес во развојот, активно учествувале во работата на Црвен крст Охрид, како и придонес за развој и унапредување на крводарителството.

Доделени беа и благодарници:

– за 5 дарувања на 58 крводарители,

– за 10 дарувања на 53 крводарители,

– за 25 дарувања на 18 крводарители,

– за 50 дарувања на 3 крводарители.

Истакнувајќи го значењето на волонтерството како глобален феномен и фундаментална човечка вредност, упатуваме длабока благодарност до сите волонтери, крводарители, поединци, фирми и институции кои го поддржуваат и поттикнуваат волонтерскиот дух, и кои придонесуваат за развојот на хуманоста во Охрид и Дебрца.

Уште еднаш, Среќен Светски ден на волонтерството, и Ви благодариме што сте со нас – секогаш, заедно, хумано.

< врати се назад