Завршна симулациска показна вежба за заштита и спасување од елементарни непогоди
Завршна симулациска показна вежба за заштита и спасување од елементарни непогоди во ОУ „Христо Узунов“ со која на испит беа ставени и сите институции кои реагираат во таква ситуација. Имено, службите добија повик од Центарот за управување со кризи дека е случена елементарна непогода пожар и земјотрес во училиштето без претходна најава за да се види колкава е нивната подготвеност за брза реакција.
Овие вежби во основа покажаа дека Плановите за евакуација се добри, но во одредени делови треба да се надополнат, вели портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димоски. Вежбите дадоа придонес за подигнување на безбедносните мерки во случај на елементарни непогоди и покажаа колкава е способноста на службите навреме да реагираат. Оценката е дека координацијата меѓу службите е прилично добра.
„Она што се покажа на терен, е дека всушност координацијата е главниот предуслов за навремено и брзо излегување на службите. Нивното меѓусебно информирање беше беспрекорно и времето на пристигнување на службите на местото на настанот беше кратко. Овие мерки во делот на координацијата треба да бидат постојано ажурирани со именување лица за контакт, со проверка на меѓусебната координација и во други околности и во други услови, вели Димоски. “
Денешната вежба беше сублимат на сите претходни кои ги спроведуваа СВР Охрид -отсек за превенција, ТППЕ Охрид и Црвен Крст Охрид во сите образовни установи од основните и средните училишта при што се покажа дека во најголем дел ги задоволуваат условите и пропозициите кои се пропишани со Закон, вели Сашо Точков претседател на Црвен Крст Охрид. Она што е првично детектирано како најголем проблем е пристапот на влез до одредени институции.
„Дел од училиштата треба да направат доработка на евакуациони Планови заради нови реални ситуации кои ги имаат. Има случаи каде имале простор за излез, па тој излез повеќе не се користи, значи тоа треба да се назначи во Планот за евакуација. Голем проблем на којшто наидовме и го истакнавме во неформални разговори, а ќе биде доставен и во финалниот извештај до Локалната самоуправа се пристапните места кои што се видно обележани и постојат, а се блокирани од несовесни возачи. Сето тоа треба да се ревидира и да се направи добра стратегија, во случај на реална ситуација службите да можат навремено ефикасно да реагираат, додава Точков.“
Градоначалникот Кирил Пецаков вели дека Локалната ќе постапи по однос на забелешките кои ќе следат во финалниот заклучок. Тој изрази поддршка за одржувањето на ваквите симулации.
„Ниту во еден момент не би можеле да знаеме кога би се случила реална ситуација и добро е што се и децата вклучени. Најважно е што се ова е направено во вистинско време. Мислам дека сите одлично ја завршија својата работа. Првично има забелешки околу пристапот до одредени училишта, но ќе го почекаме извештајот и секако дека како Локална самоуправа ќе постапиме по однос на забелешките“
Симулациските вежби покажаа дека училишниот кадар и учениците водени од персоналот се генерално подготвени за евакуација во вакви случаи. Законската обврска им налага на институциите на секој две години да ги прават овие вежби, а наредните ќе ги подготват сами.