
Заштита на здравјето од високите температури
Поради топлотниот бран што ја зафати нашата држава, Црвен крст Охрид продолжи да спроведува превентивни активности. Така, наши волонтери повторно им делеа шишиња вода на наши сограѓани и гости во Охрид на една од фреквентните улици во градот. Овој пат, оваа наша активност беше поддржана од охридската компанија „Тамаро“. Покрај вода, волонтерите дистрибуираа и летоци со совети за заштита од топлото време.
Црвен крст Охрид упатува порака до граѓаните да се придржуваат кон препораките за заштита од топлотни бранови:
Избегнувајте директно изложување на сонце и активности на отворено за време на најтоплиот период од денот (од 11 до 17 часот). Доколку е неопходно да бидете на отворено во тој период, често правете паузи под сенка.
Носете светла и лесна облека, заштитни очила и капа.
Останете во затворени и климатизирани простории. Преку ден држете ги прозорците и ролетните затворени, а отворете ги навечер кога температурата е пониска.
Внесувајте доволно течности во текот на целиот ден (не чекајте да почувствувате жед) – најдобар избор е водата, а алкохолните пијалаци треба да се избегнуваат.
Консумирајте умерена количина храна и притоа избегнувајте мрсна и висококалорична храна, како и храна што содржи голема количина шеќер.
Не оставајте никого во паркирно возило.
Грижете се за себе и за другите!










