април 16, 2026

Заштита на пештери во Националниот парк Галичица со поставување заштитни врати

Во септември 2025 година, Црвен крст Охрид во партнерство со Истражувачкото друштво „Урсус спелеос“ започна да го спроведува проектот „Заштита на пештерските екосистеми од влијанијата на климатските промени и воспоставување одржлив систем за одговор на катастрофи во Националниот парк Галичица“. Во рамките на овој проект, меѓу другите активности, во тек е процес на изработка на заштитни врати за неколку пештери во Националниот парк Галичица. Вратите се изработуваат согласно EUROBATS стандардите кои се меѓународно усогласени насоки за заштита на лилјаците и нивните живеалишта.

Вратите ќе овозможат физичка заштита од несовесни посетители и зачувување на природните услови на пештерските екосистеми и ќе придонесат кон зачувување на пештерската фауна, особено на лилјаците.

Досега, во Националниот парк Галичица се регистрирани 20 видови лилјаци од кои најголем дел се заштитени според националното законодавство на Република Северна Македонија или се наоѓаат на Европската црвена листа како загрозени видови.

На поставувањето заштитни врати му претходат следните процеси:

Спроведување повеќегодишен мониторинг на лилјаците и пештерска фауна

Определување на значајни пештери за заштита

Изработка на стручен елаборат

Дизајнирање и изработка на врата со соодветни материјали

Секој чекор е внимателно планиран со цел да се овозможи заштита, а истовремено да не се наруши природниот живот во пештерата.

Со овој пристап придонесуваме кон одржливо управување и долгорочна заштита на нашето природно наследство.

Проектот „Заштита на пештерските екосистеми од влијанијата на климатските промени и воспоставување одржлив систем за одговор на катастрофи во Националниот парк Галичица“ е поддржан од Prespa Ohrid Nature Trust – PONT .

< врати се назад