јули 12, 2026

За првпат употребено беспилотно летало во акција за пребарување на исчезнато лице

Вчера, во 21:40 часот, Оперативниот центар на Планинската спасителна служба при Црвен крст Охрид прими повик за потрага по повозрасен сограѓанин кој, од засега непознати причини, се упатил кон Студенчишкото Блато.

Поради исклучително тешките услови на теренот – густа вегетација, кал и ноќни услови – во акцијата за првпат беше употребено специјализираното беспилотно летало DJI Mavic 3T, опремено со термална камера. Оваа современа опрема, која неодамна ја набави Црвен крст Охрид, е наменета за операции за пребарување и спасување на изгубени и исчезнати лица на тешко пристапни терени, како и за откривање активни жаришта при шумски пожари на непристапни планински подрачја, кои тешко можат да се забележат со голо око.

Дронот е набавен со финансиска поддршка од Prespa Ohrid Nature Trust (PONT), во рамките на проект што Црвен крст Охрид го спроведува во партнерство со Урсус Спелеос – Скопје и Национален парк Галичица, а кој е насочен кон намалување на последиците од климатските промени и јакнење на капацитетите за одговор при природни непогоди.

Акцијата беше успешно завршена во 23:15 часот со пронаоѓање на лицето, кое, за среќа, беше неповредено.

Во акцијата, покрај спасителите од Планинската спасителна служба при Црвен крст Охрид, учествуваа и припадници на ТППЕ Охрид, како и членови на семејството на исчезнатото лице.

Упатуваме благодарност до сите учесници за нивната брза реакција, професионалност и одлична координација, кои придонесоа акцијата да заврши успешно

< врати се назад