ВОСПОСТАВЕНА СОРАБОТКА И РЕАЛИЗИРАН ДВОНЕДЕЛЕН ТРЕНИНГ СО ВОЗДУХОПЛОВНИОТ ВИНГ НА АРМИЈАТА
Со одобрение на Министерството за Одбрана и Генералштабот на Армијата, Планинската Спасителна Служба при Црвен крст Охрид започна многу значајна соработка со армискиот воздухопловен ВИНГ, која во иднина ќе се продлабочува, со цел зголемување на ефикасноста и економичноста на спасителните операции. Соработката ја започнавме како дел од проектните активности на проектот „Нови можности за безбеден зимски авнтуристички туризам“, финансиран од Европската Унија, ИПА програмата за соработка со Албанија, кој има за цел, зголемување на ефикасноста на ПСС во прекуграничниот регион, а со тоа и безбедноста на посетителите и локалното население во регионот. Обуката ја заокруживме со показна вежба за изведување на една од најкомплексните операции во планинското спасување, односно извлекување на повреден од вертикална карпа, со помош на хеликоптер. Показната вежба беше организирана, со цел презентација на значењето на цивилно-воената соработка, во случај на деликатни несреќи, кога е неопходно здружување на сите расположливи ресурси, за безбедно и ефикасно изведување на операциите за спасување.
За вежбата беше разработено сценарио според кое двајца параглајдеристи, поради лоши временски услови, завршуваат едниот закачен на карпа висока 30-тина метри, а другиот во водите на Преспанското Езеро. Согласно сценариото, Оперативниот центар на ПСС добива СОС повик од посетители на плажата во Стење, со информација дека двајцата параглајдеристи доживеале несреќа. Со оглед на природата и комплексноста на несреќата, Оперативниот Центар на ПСС прави проценка дека за ефикасно изведување на операцијата, е неопходно вклучување на хеликоптер и специјализирани тимови за спасување од вода, по што веднаш се испраќа барање до командата на армискиот воздухопловен ВИНГ. Веднаш се подготвува хеликоптер МИ17, кој заедно со припадници на армиските специјални единици се упатува во Охрид, од каде по 45 мин. го зема тимот на ПСС и за 10 мин. стигнуваат на местото на несреќата. Додека тимот на ПСС спроведува имобилизација на повредениот на карпа, со помош на специјализирано мултифункционално транспортно средство, армиските тимови го евакуираат лицето од водите на Преспанското Езеро. Откако параглајдеристот на карпата е целосно имобилизиран и подготвен за транспорт, тимот на ПСС го повикува хеликоптерот, кој со витло го подигнува повредениот директно од карпата.