мај 29, 2024

Волонтерите од Програмата за грижа на старите лица „Најди време” при Црвен крст Охрид туристи во сопствениот град

Денес на иницијатива на охридскиот туристички водич М-р Ива Николоска се одржа тура низ стариот дел од градот со активните волонтери на програмата „Најди време”- грижа за стари лица при Црвениот крст -Охрид.

Нашите волонтери имаа можност да бидат туристи во сопствениот град. Иницијативата има за цел промоција на културното и природното богатство на град Охрид.

Највозрасниот волонтер Ристана Божиновска, која е родена 1935 година, со голем ентузијазам ги посети сите предвидени локации мотивирајќи ги и другите до крај да ја поминат предвидената рута, и вооедно порачува: Нема откажување!!!

Од градскиот плоштад, Св. Софија, античкиот театар, локалитетот Плаошник, преку Св. Јован Богослов, групата се упати на заслужено кафе на покана на баба Ристана.

Оваа тура е дел од серијалот кој на волонтерска база ги организира охридскиот водич Николоска која истовремено работи на својот докторски труд кој е исто-така поврзан со културното наследство на Охридскиот регион. Според Ива, кога пензионерите поранешни наши наставници, медицински кадар и слично најдоа време да работат на хуманитарни програми тогаш секој еден од нас треба да најде време да и возврати на заедницата во делокругот на своите компетенции.

Групата изведе и две староградски песни и ги воодушеви гостите кои беа на туристички разглед.

Желбата за живот, работа, љубов и поддршка која овие луѓе ја даваат треба да биде пример за генерациите кои доаѓаат.

< врати се назад