октомври 13, 2023

Видови лилјаци во Националниот парк Галичица – голем потковичар и медитерански потковичар

Во рамките на проектот „Заштита на пештерските екосистеми и загрозените растителни и животински видови во Националниот парк Галичица од негативните ефекти на климатските промени“ се спроведуваат спелеолошки и биоспелеолошки истражувања на пештери во Националниот парк Галичица. Во текот на овие истражувања, од 20 видови лилјаци регистирани во Националниот парк Галичица, 9 видови се забележани во пештерите во заштитеното подрачје.
Голем потковичар (Rhinolophus ferrumequinum) е најголемиот претставник од лилјаците потковичари. Има тежина од 17 до 34 грама и распон на крилја до 40 cm. Се засолнува во пештери и други подземни места, како и тавански простории. Не е миграторен вид и зависно од сезоната формира колонии составени од 30 до 500 единки. Најчесто се среќава во подрачја со широколисни шуми, макии и пасишта. Неговата популација е под голема закана од уништувањето на поволните живеалишта, вознемирување во засолништата и намалувањето на достапната храна, поради што е категоризиран како близу загрозен според Европската црвена листа на загрозени видови. Во Националниот парк Галичица, големиот потковичар е регистриран во Лескоечка Пештера, Мечкина Дупка, Бимбилова Пештера, Наумова Пештера и Црна Пешт.
Медитерански потковичар (Rhinolophus euryale) е средно голем лилјак, со тежина од 8 до 17 грама. Се сретнува во медитеранските области, при што претпочита карстни подрачја со многу пештери, широколисни шуми и макии и во близина на вода. Типичен пештерски вид, не мигрира и формира големи колонии, најчесто заедно со други видови лилјаци. Медитеранскиот потковичар е категоризиран како заштитен вид според Листата на строго заштитени и заштитени диви видови од Законот за природа на Република Северна Македонија и е категоризиран како ранлив вид според Европската црвена листа на загрозени видови. Во Националниот парк Галичица, медитеранскиот потковичар е забележан во Лескоечка Пештера, Мечкина Дупка, Наумова Пештера и Црна Пешт.
Проектот „Заштита на пештерските екосистеми и загрозените растителни и животински видови во Националниот парк Галичица од негативните ефекти на климатските промени“ е поддржан од Prespa Ohrid Nature Trust – PONT, a го спроведуваат Црвен крст на Република Северна Македонија – Општинска организација Охрид и Истражувачко друштво „Урсус спелеос“ – Скопје, во соработка со Национален парк Галичица.
 
 
 
 
 
 
 
 
< врати се назад