
ВДИШИ ТЕАТАР
Во рамки на своите програми за промоција и негување на хуманите вредности, поттикнување и развивање на креативноста кај младите, Црвен крст Охрид, со големо задоволство Ви го најавува овогодинешното 11то по ред издание на Меѓународниот Аматерски Младински Театарски Фестивал со наслов „Вдиши Театар“.
Целта на овој театарски фестивал е поттикнување на младите за искористување на својот театарски потенцијал, креирање театарска игра и прикажување театарски претстави. Фестивалот е можност за промоција на работата на театарски надарените волонтери на Црвен крст Охрид, но и поттик за останатите да се приклучат, ги стекнат и негуваат вештините на актерството. Самиот фестивал ќе биде еден чекор напред во подигнување на театарската култура, не само кај младите, туку и кај останатите граѓани, а воедно претставува и почеток на културното лето во Охрид.
Во четиридневната програма, својот актерски талент, умешност и креативност, низ 5 театарски претстави, ќе го прикажат околу 30 талентирани млади актери од организациите на Црвен крст од Охрид, Црвен крст Бар, Р.Црна Гора, Црвен крст Крагуевац, Црвен крст Ужице и Црвен крст Суботица, Р.Србија.
Единаесеттиот Аматерски Театарски Фестивал „ВДИШИ ТЕАТАР“ во организација на Црвен крст Охрид ќе се реализира во Охрид, во периодот од 10 до 13 јуни 2026 година.
Свеченото отворање на фестивалот ќе биде на 10.06.2026 (среда) во предворјето на црквата – Св.Софија со почеток во 20:30 ч. со прикажување театарската претстава „Маски “ под авторство и режија на Емилија Блажеска, Весна Терзиоска, Јованка Сион Доленц и Даниел Наумоски, а во изведба на театарската група на Црвен крст Охрид.
Во прилог е програмата на овогодинешниот театарски фестивал „ВДИШИ ТЕАТАР“.
Ви благодариме за поддршката на нашите активности





