јуни 14, 2023
ВДИШИ ТЕАТАР
Во рамки на своите програми за промоција и негување на хуманите вредности, поттикнување и развивање на креативноста кај младите, Црвен крст Охрид, со големо задоволство Ви го најавува овогодинешното осмо по ред издание на Меѓународниот Аматерски Младински Театарски Фестивал со наслов „Вдиши Театар“.
Целта на овој театарски фестивал е поттикнување на младите за искористување на својот театарски потенцијал, креирање театарска игра и прикажување театарски претстави. Фестивалот е можност за промоција на работата на театарски надарените волонтери на Црвен крст Охрид, но и поттик за останатите да се приклучат, ги стекнат и негуваат вештините на актерството. Самиот фестивал ќе биде еден чекор напред во подигнување на театарската култура, не само кај младите, туку и кај останатите граѓани, а воедно претставува и почеток на културното лето во Охрид.
Во тридневната програма, својот актерски талент, умешност и креативност, низ 3 театарски претстави ќе го прикажат повеќе од 30 талентирани млади актери-аматери од организациите на Црвен крст од Охрид, Црвен крст Суботица и Црвен крст Крагуевац, Србија.
Овогодинешното издание на Аматерскиот Театарски Фестивал „ВДИШИ ТЕАТАР“ во организација на Црвен крст Охрид и со поддршка на општина Охрид, ќе се реализира во Охрид, во периодот од 14 до 18 јуни 2023 година.
Свеченото отворање на фестивалот ќе биде на 14.06.2023 (среда) во предворјето на црквата -Св.Софија со почеток во 21:00 ч. со прикажување на театарската претстава „БАРА“ под авторство и режија на Емилија Блажеска, Весна Терзиоска и Јованка Сион Доленц, а во изведба на театарската група на Црвен крст Охрид.