
ЦКА-ПХВ 2026 може да започне!
Денес, просториите на Црвен крст Охрид беа исполнети со ентузијазам, позитивна енергија и силен младински дух. На првата обука за ЦКА-ПХВ 2026 присуствуваа 42 млади од Охрид, мотивирани и подготвени да го направат својот прв чекор кон волонтерството и хуманоста.
Обуката беше реализирана од овогодинешната дисеминаторка Јована Шутароска, која заедно со тимот на мини-ментори придонесе оваа средба да помине во инспиративна и динамична атмосфера. Преку интерактивен пристап и тимска работа, тие успеаја да ја доближат суштината на програмата и да поттикнат интерес за понатамошно активно учество.
Присутните младинци имаа можност да се запознаат со идејата, работата, мисијата и визијата на Црвениот крст, како и со вредностите што го движат ова хуманитарно семејство. Преку дискусии и практични примери, тие открија што значи да се биде дел од организација која секојдневно прави позитивни промени во заедницата.
Ова е само почеток на едно тримесечно патување исполнето со учење, дружење, личен развој и креирање хумани акции кои оставаат траен белег. Веруваме дека овие млади луѓе ќе прераснат во идни лидери и активни носители на добрите дела.






