јули 24, 2023

Трета интервенција на ПСС во месец Јули

Во текот на вчерашниот ден, во 16:10ч. од страна на СВР Битола, а подоцна и од страна на ЦУК 112, добивме информација дека на Галичица се изгубени, дезориентирани и дехидрирани 3 лица, странски државјани, кои се обратиле со барање за помош. Тимот на ПСС при Црвен крст Охрид, кој во тој момент беше во Планинската куќа СПИРИДОН на Галичица, веднаш се подготви за интервенција, но бидејќи информациите со кои располагавме беа оскудни и недоволни, преку ореративниот центар на ПСС започнавме процедура за воспоставување на директен контакт и лоцирање на лицата. Откако обезбедивме доволно информации за одредување на правецот во кој се движеле, а подоцна и точната локација од местото на несреќа, во 17:20ч. двочлена екипа на ПСС се упати кон повреденото лице и неговите пријатели кои му пристапиле во помош. Причина за несреќата е лесен пад на изразито стрмниот и карпест предел во строго заштитената зона од НП Галичица, надвор од обележаната патека која води до врвот Магаро 2255мнв. Лицето кое се здобило со повреда на скочниот зглоб, ја напуштило патеката во обид да го пронајде своето беспилотно летало (дрон), над кој изгубил контрола поради силниот ветар. Во 18:15ч. Тимот пристигна на местото на несреќата, му укажа прва помош на настраданото лице и во придружба на неговите пријатели, започна акција за евакуација по изразито стрмниот шумски предел на Галичица. За цело време на интервенцијата, тимот на ПСС беше во комуникација со ренџерската служба на НП Галичица и припадниците на МВР, кои исто така излегоа на терен и со теренско возило во 21:00ч. го презедоа повреденото лице, од место каде можеше да се стигне со возило и го пренесоа до службата за итна медицинска помош од Ресен. Ова е трета интервенција на ПСС овој месец, а карактеристично е тоа што во сите три случаи станува збор за странски државјани кои побарале помош во регионот околу стара Галичица, односно во строго заштитената зона од Националниот парк, каде движењето е дозволено исклучиво по обележаната патека која води до врвот Магаро.
Во оваа прилика, сакаме уште еднаш да апелираме до јавноста и љубителите на планините, да се придржуваат до правилата за безбедно движење на планина, како и до правилата за заштита на природата одредени од страна на Националниот парк, а особено во овој период од годината, кога температурите се значително високи, да бидат особено внимателни, да користат заштитна опрема, да избегнуваат долготрајна дирекна исложеност на сончевите зрачења во периодот од 11:00 до 16:00ч., да користат поголеми количини течности како и да носат доволно резерви со себе и секако да носат мобилни телефони со полна батерија за да можат навремено да повикаат помош во случај на несреќа.
 
 
 
 
 
< врати се назад