септември 14, 2023
Светски Ден за Прва помош
Црвен крст Охрид како едно од своите приоритетни заложби го има ширењето на знаењата и вештините за укажување на прва помош со цел тие да бидат достапни за сите, како хуманитарен акт кој ги овластува луѓето да спасуваат животи и да помогнат во закрепнување од нагло настанати заболувања или повреди. Првата помош претставува витална иницијална интервенција која помага во намалување на повредите и зголемување на шансите за преживување во настанатата ситуација во која животот на поединецот или група на луѓе е во опасност.
Секоја година на милиони луѓе им е нанесена повреда или им е одземен животот поради несоодветен одговор или недостаток на навремено укажана прва помош. Ситуацијата би можела значително да се промени доколку повеќе луѓе се свесни за значењето и правилно се обучени за укажување на прва помош. Поседувањето на вештини за укажување на прва помош ги зголемува индивидуалните капацитите на секој човек за преземеање на брза акција со цел намалување или стабилизирање на сериозни повреди и ги зголемува шансите за преживување на повредениот.
И оваа година со посебно внимание се фокусираме на одбележувањето на овогодинешниот Светски Ден за Прва помош, ден за промовирање на знаењата и вештините за првата помош, за придонес во промените за проширување и подобрување на обуките за првата помош како хуманитарен чин и клучна компонента за еден посовремен и поширок пристап.
Темата на овогодинешниот Светскиот ден за Прва помош е „ПРВА ПОМОШ ДОСТАПНА ЗА СИТЕ! ПРВА ПОМОШ ВО ДИГИТАЛНИОТ СВЕТ“. Во тие рамки Црвен крст Охрид ќе го одбележи Светскиот ден на првата помош на 15.09.2023 г. (петок) на платото пред Центарот за култура „Григор Прличев“, каде во периодот од 11-13 ч. тимовите за прва помош на Црвен крст Охрид ќе презентираат знаења и техники за укажување прва помош при различни повреди.
На овој ден својата хуманост ќе можат да ја искажат и сите наши сограѓани кои имаат желба и потреба да даруваат крв на крводарителската акција која во организација на Црвен крст Охрид ќе се одвива во Центарот за култура „Григор Прличев“ во периодот од 10 – 14 ч., под мотото ДАЈТЕ КРВ! РАЗУБАВЕТЕ ГО ДЕНОТ СЕБЕ СИ И НА ДРУГИТЕ!