септември 10, 2025

СВЕТСКИ ДЕН НА ПРВА ПОМОШ

Црвен крст Охрид како едно од своите приоритетни заложби го има ширењето на знаењата и вештините за укажување на прва помош , со цел тие да бидат достапни за сите, како хуманитарен акт кој ги овластува луѓето да спасуваат животи и да помогнат во закрепнување од нагло настанати заболувања или повреди.

Првата помош претставува витална иницијална интервенција која помага во намалување на повредите и зголемување на шансите за преживување во настаната ситуација во која животот на поединецот или група на луѓе е во опасност.

Секоја година на милиони луѓе им е нанесена повреда или им е одземен животот поради несоодветен одговор или недостаток на навремено и правилно укажана прва помош.

Ситуацијата би можела значително да се промени доколку повеќе луѓе се свесни за значењето и правилно се обучени за укажување на прва помош.

Поседувањето на вештини за прва помош ги зголемува индивидуалните капацитети на секој човек да преземе брза акција со цел намалување или стабилизирање на сериозни повреди, и ги зголемува шансите за преживување на повредениот .

И оваа година со посебно внимание се фокусираме на одбележувањето на Светскиот Ден за Прва Помош – ден за промовирање на знаењата и вештините за првата помош, со акцент на климатските промени.

Бури, топлотни бранови, пожари… Климатските катастрофи се случуваат без најава, но можеме да се подготвиме

Учењето прва помош ни овозможува да реагираме во итни случаи.

При климатски кризи, секоја секунда е важна.

Да бидеме подготвени:

Да се обучиме

Да помагаме

Да спасуваме животи

Климатските промени го менуваат нашиот секојдневен живот и ја зголемуваат опасноста од несреќи, болести и итни случаи. Но, можеме да делуваме!

________________________________________

ЗОШТО Е ВАЖНА ПРВАТА ПОМОШ?

Учењето прва помош претставува инвестиција во отпорноста на нашите заедници

Им овозможува на сите да ги заштитат своите најблиски и да реагираат при итни состојби

Тоа е дел од решението за климатските предизвици

________________________________________

Темата на овогодинешниот Светски ден за Прва помош е:

„ПРВА ПОМОШ И КЛИМАТСКИ ПРОМЕНИ“

Во тие рамки, Црвен крст Охрид ќе го одбележи Светскиот ден на првата помош на 12.09.2025 г. (петок) на платото пред Центарот за култура „Григор Прличев“

Во периодот од 11:00 до 13:00 ч., тимовите за прва помош на Црвен крст Охрид ќе презентираат знаења и техники за укажување прва помош при различни повреди поврзани со климатските промени.

________________________________________

Придружете ни се на одбележувањето на Светскиот ден по првата помош 2025 и бидете дел од побезбеден свет!

Подготвеноста денес значи спасени животи утре!

________________________________________

На овој ден својата хуманост ќе можат да ја искажат и сите наши сограѓани кои имаат желба и потреба да даруваат крв на крводарителската акција, која ќе се одвива:

во Центарот за култура „Григор Прличев“ од 10:00 до 14:00 ч.,, под мотото:

ДАЈТЕ КРВ! РАЗУБАВЕТЕ ГО ДЕНОТ СЕБЕ СИ И НА ДРУГИТЕ!

< врати се назад