октомври 3, 2024

Работна средба по повод Меѓународниот ден на старите лица

Како и во изминатите години, така и оваа година, Црвен крст Охрид се вклучи во одбележувањето на 1 Октомври, Меѓународниот ден на старите лица. По тој повод, годинава, групата волонтери на Црвен крст Охрид којашто ја спроведува програмата за грижа за стари лица „Најди време“, организираше работна средба со претставници на локалната самоуправа во Охрид, Здружението на пензионери на Охрид и Дебрца и Меѓуопштинскиот центар за социјална работа.

Во текот на средбата, повеќе учесници дискутираа за условите за здраво и за достоинствено стареење во наведените општини, како и за конкретни предлози за надминување на предизвиците на ова поле. Во фокусот на дискусијата беше потребата и иницијативата за отворање дневен центар за стари лица и дом за стари лица во општините Охрид и Дебрца. Учесниците во дискусијата се согласија дека соработката помеѓу различните чинители е неопходна за да се реализираат идеите за подобрување на условите за активно стареење на локално ниво.

Модератор на оваа работна средба беше Љупчо Милковски, волонтер во програмата „Најди време“.

< врати се назад