
Работилница „Psykt Vanlig“
Како дел од континуираната соработка помеѓу Црвен крст Охрид и Møre og Romsdal Røde Kors од Норвешка, денеска, во просториите на Црвен крст Охрид се реализираше работилницата „Psykt Vanlig“ за ментално здравје. Обуката беше спроведена од нашите обучени едукатори, со поддршка на Норвешкиот Црвен крст
Во обуката учествуваа 10 волонтери од Црвен крст Охрид, кои преку интерактивни активности, дискусии и тимска работа имаа можност да ги продлабочат своите знаења за менталното здравје, препознавањето и изразувањето на емоциите, емпатичната комуникација и меѓусебната поддршка.
Обуката ја реализираа Иво Георгиески и Ангел Крстески, обучени едукатори за ментално здравје, кои преку своето знаење и искуство создадоа поттикнувачка атмосфера за учење, отворен разговор и споделување.
Посебен акцент беше ставен на важноста од создавање безбедна и прифатлива средина, во која секој млад човек ќе може слободно да ги изрази своите чувства, да побара поддршка и да знае дека не е сам.
Стекнатите знаења и вештини претставуваат важен чекор кон градење волонтерска заедница во која грижата за себе и грижата за другите се подеднакво важни.
Преку ваквите активности, соработката со Норвешкиот Црвен крст продолжува да отвора нови можности за едукација, размена на искуства и зајакнување на капацитетите на младите волонтери.





