март 11, 2022

Работилница за Прва психолошка помош и Психо-социјална поддршка за негуватели

На ден 10.03.2022 година во просториите на Црвен крст на РСМ – Општинската организација Охрид, се одржа работилница за Прва психолошка помош и Психо-социјална поддршка за негуватели кои вршат услуги за помош и нега на стари лица и лица со попречености во домашни услуви. На работилницата активно учество зедоа 14 волонтери од кои 7 се веќе сертифицирани негуватели, и 7 волонтери кои ја следат тековната обука за негуватели.
Работилницата се фокусираше на: тоа како кризните настани влијаат врз луѓето, што е тоа психолошка прва помош и психо-социјална поддршка и кој, кога и каде може да ја пружи, за кого е наменета и што има за цел да постигне, што значи да се помогне одговорно, кои се принципите на дејствување и практични техники на пружање психолошка прва помош и психо-социјална поддршка.
Посебно внимание се обрна на предизвиците со кои се среќаваат негувателите за време на нивниот ангажман како професионалци кои нудат услуги за помош и нега во домот на стари лица и лица со попречености.
Присутните покажаа особен интерес за темите од работилницата и изразија желба за понатамошни обуки и работилници кои би биле посветени на менталното здравје и грижа за истото.
Како предавачи на работилницата беа обучените тренери за прва психолошка помош и психо-социјална поддршка Катерина Наумоска и Ранко Раткушиноски.
 
< врати се назад