јануари 30, 2021

ПРОМОЦИЈА НА НОВИТЕ СПЕЦИЈАЛИЗИРАНИ ВОЗИЛА И ОПРЕМА ЗА СПАСУВАЊЕ ВО ЗИМСКИ УСЛОВИ

На ден 27.01.2021 г. на кејот на Охридското езеро беа промовирани новите специјализирани возила и опрема за спасување во зимски услови, наменети за потребите на Планинската Спасителна Служба при Црвен крст Охрид и Алпинистичкиот клуб ПАТАГОНИЈА од Охрид, како и за локалните тимови од општините Дебрца  и Грамш. Опремата е набавена со финансиски средства од Европската Унија, преку ИПА програмата за прекугранична соработка помеѓу Република Северна Македонија и Албанија, во рамки на проектот „Нови можности за безбеден зимски авантуристички туризам“.

Со овие возила и опрема, Планинската Спасителна Служба го заокружува процесот на опремување за комплетна мобилност во сите годишни времиња и метеоролошки услови, а со опремувањето на локалните тимови во Општините Дебрца и Грамш, значително се проширува територијалниот опфат и ефикасноста на спасителните операции во иднина.

На промоцијата, свои обраќања имаа Претседателот на Општинска организација Охрид, Г-дин Сашо Точков, Министерот за локална самоуправа на РСМ Г-дин Горан Милевски и Евроамбасадорот во РСМ Н.Е. Дејвид Гир, кои изразија задоволство од успешноста на проектите со кои се воспостави оваа регионална Планинска Спасителна Служба согласно највисоките меѓународни стандарди и ја потенцираа важноста од активно вклучување на локалните самоуправи во нејзината идна одржливост.

По официјалниот дел, гостите имаа можност да ги разгледаат возилата и опремата, придружувани од припадниците на ПСС, а високите претставници на Центарот за Управување со Кризи, Дирекцијата за Заштита и Спасување, Единицата за Специјални Задачи при МВР, Хеликоптерското одделение при МВР и Военото Воздухопловство, го посетија оперативниот и тренинг центар на Планинската Спасителна Служба и разговараа за продлабочување на соработката, со цел поголема ефективност на спасителните операции во иднина, не само во охридскиот регион, туку и пошироко.

Се упатува особена благодарност до Делегацијата на Европската Унија во РСМ и Министерството за Локална самоуправа, не само за финансиската поддршка, туку и за заложбите и активната вклученост во процесот за интеграција на ПСС во државниот систем за заштита и спасување, како и во напорите за ефикасно и брзо прекугранично делување.

Целта на проектот е промоција на социо-економскиот развој на охридско-преспанскиот прекуграничен регион, преку одржлив развој на туризмот, со особено внимание за создавање деловни можности за урбаните и руралните области, како и понуда на различни туристички пакети и промоција на високи стандарди за безбедност во туризмот.

Имплементацијата е почната на 1 ноември 2019 година и ќе се спроведува три години, а вкупниот буџет на проектот изнесува 692.000 евра, од кои 588.200 евра се грант од ЕУ, а останатите средства се обезбедени со кофинансирање од страна на споменатите партнери.

Ова е продолжување на претходно реализираниот проект „Регионот Охридско Езеро – Безбедна дестинација за авантуристички туризам“, со вкупен буџет од 415.000 евра, со кој се воспоставија две спасителни служби: служба за спасување на вода во Поградец, Албанија и служба за спасување на планина во Охрид. Беше набавена опрема за овие служби и се организираа обуки за спасување на вода во Поградец и за спасување на планина во Охрид. Се изгради и современ оперативен и тренинг центар за Планинската спасителна служба во Охрид

Во досегашните активности на овој проект обележана е прекугранична планинарска патека од планинарскиот дом во селото Брежани, општина Дебрца до општина Грамш, реконструирано е старото училиште во општина Дебрца и во тек е негова пренамена во планинарски дом, направен е авантуристички парк во близина на планинарскиот дом на Галичица, како и пречистителна станица за планинарскиот дом. Исто така поставен е мониторинг систем за посетители во националниот парк „Галичица“.

Проектот има за цел Охрид да биде сигурна дестинација и да биде етаблиран како туристичка дестинација особено во планинскиот предел од двете страни. Затоа, Општинска организација Охрид ја има клучната улога за во секој момент на некаква опасност од страна на туристот да можат да го спасат.              

Преку проектот „Нови можности за безбеден зимски авантуристички туризам“ планирано е развивање на промотивни материјали: водич, мапи, мобилна апликација и веб страна, набавени се возила за зголемување на капацитетите на општините со цел поддршка на ново поставената инфраструктура, како и теренски возила и опрема за спасување во зимски услови. Планирана е набавка на специјализирана опрема за спасување за потребите на хеликоптерската единица при МВР, обука на спасувачи на планина во Албанија според стандардите на ICAR (International Commission for Alpine Rescue), обука на спасувачите од Планинската спасителна служба за употреба на опремата за спасување во зимски услови и креирање на работна група за олеснување на прекуграничните процедури во случај на интервенција на Планинската спасителна служба на територијата на Албанија.

Спасувањето човечки животи, безбедноста на спасителите и ефикасноста на нашите спасителни операции, секогаш се наш приоритет.

Новите возила и опрема, значително ќе го зголемат капацитетот на Планинската Спасителна Служба при Општинска организација Охрид, за делување во зимски услови.

< врати се назад