Пожар Галичица – Известување
Почитувани пријатели и поддржувачи,
Изминатите 15тина денови, со целокупниот заеднички капацитет на ПСС при Црвен крст Охрид и Алпинистички клуб Патагонија Охрид, бевме активно вклучени во гаснењето на пожарите околу Охрид, а особено на пожарот кој ја зафати Галичица, каде за жал, беше опожарен голем дел од високопланинските предели од зоната со строга заштита на паркот.
Бидејќи немавме доволно време во изминатите денови да Ве следиме на социјалните мрежи, а уште помалку да Ве информираме за состојбата на терен, ред е сега, после дождот кој ни овозможи да здивнеме, да Ви се обратиме и да Ви заблагодариме за сите убави мисли, загриженост и благослови за добро здравје на сите оние кои со денови се бореа со огнените јазици. Исто така, забележавме и мал број на неумесни или навредливи коментари, на кои искрено не се лутиме, бидејќи длабоко веруваме дека се резултат на револтот и загриженоста на одредени поединци за штетата која се предизвикува на природните вредности и истите се напишани во афектна состојба, не познавајќи ја реалната слика на теренот.
Во оваа прилика сакаме особено да се заблагодариме и на вработените од National Park Galicica – Национален парк Галичица кои ги планираа активностите, организираа секојдневни брифинзи и директно на терен ги координираа операциите, како и до Центар за управување со кризи и воздухопловните единици од Министерство за внатрешни работи, Дирекција за заштита и спасување и Министерство за одбрана, кои постојано, од воздух ја помагаа акцијата.
Исто така, сакаме да упатиме и благодарност до сите професионални и доброволни пожарникари, до ренџерите од Езерани, Пелистер и Вевчански извори, како и до големиот број доброволци од Охрид и Ресен, кои секојдневно помагаа во напорите за забавување или запирање на огнениот фронт кој се протегаше петнаесеттина километри на македонска територија.
Посебна благодарност упатуваме и до големиот број донатори, фирми и поединци, кои не дозволија тимовите на терен да бидат гладни, жедни и без соодветен алат за работа.
Иако нашата основна мисија и обука не е за справување со пожари, сепак не можевме да останеме рамнодушни, гледајќи како огнената стихија го проголтува највредниот дел од Планината, која ја чувствуваме како свој втор дом и каде ги имаме направено нашите први чекори во планинарството и алпинизмот. Знаејќи дека не поседуваме соодветна обука за гаснење на шумски пожари, а од друга страна располагаме со знаење, физичка подготвеност, соодветна опрема за безбеден престој и движење на планина, како и со специјализирани возила за транспорт на луѓе и опрема поблиску до опожарените локации, веднаш уште при првата информација за појава на пожарот, утрото на 5 август, целокупниот наш капацитет го ставивме на располагање на National Park Galicica.
Првите денови, операцијата се одвиваше на многу тежок планински терен, каде и покрај транспортот со хеликоптер, сепак тимовите беа принудени со километри да ја транспортираат водата за гаснење на грб, што надополнето од силните детонации на неексплодирани гранати (повеќе од 60 за целиот период), значително го зголемуваше ризикот и не дозволуваше вклучување на повеќе доброволци. Откако ваквиот пристап не даде резултат, а фронтот на пожарот забрзано се доближување до шумските предели, беше променета тактиката и се премина кон обезбедување на заштитни појаси, кои би го задржале пожарот што е можно повисоко. За оваа цел, теренот беше поделен на три фронтови, источен на преспанска страна, западен на охридска страна и северен форнт во високата зона, над превојот Баба. На источниот и западниот фронт, каде што има постојни шумски патишта, беше ангажирана механизација и беа распределени противпожарните служби од Охрид и Ресен, придружени од доброволци, додека северниот фронт, го обезбедувавме ние и ренџерите од паркот, со уште дваесетина храбри и добро подготвени планинари од Охрид и Ресен. Бидејќи во овој дел од планината нема шумски патишта, тимовите рачно работеа на расчистување на појаси во ширина од 2м, кои достигнаа вкупна должина од 7,5км и патролирајќи по истите, успешно го задржаа пожарот во високата зона од најубавата и највредна шума во паркот, се до доаѓањето на дождот. За целото време на операцијата (повеќе од 10 дена), Планинска куќа Спиридон – Mountain hut Spiridon беше главната организациона база, каде престојуваа и одмараа тимовите, кои секој ден неуморно беа активни од 4 часот наутро, па се до зајдисонце.
За крај, сакам да ја искористам оваа прилика и од лично име да упатам огромна благодарност и на нашите волонтери и да им се обратам со следното:
Другари, болните стапала, заморот и изгорениците по телото брзо ќе залечат, изгорените чевли, униформи и опрема лесно ќе ги надоместиме, но задоволството од тимската работа, братската грижа еден за друг, стекнатите искуства и личното чувство дека сме го вложиле максимумот за заштита на нашата Галичица, ќе ни останат засекогаш, правејќи не подобри, посилни и похрабри од порано.
Да бидеме живи, здрави, побројни и секогаш подготвени да им помагаме на луѓето во неволја.
Антонио Додевски