ноември 12, 2025

Посета на Црвен крст Мор ог Ромсдал

На 20 септември 2025 година, при посетата на висока делегација на Црвен крст Мор ог Ромсдал од Норвешка,на Црвен крст Охрид, беше потпишан меморандум за соработка помеѓу двете организации на Црвен крст и официјално поставени темелите за почеток на заедничка меѓународна соработка во рамки на твининг програмата за меѓународна соработка.

Од 5 – 10 ноември шестчлена делегација на Црвен крст Охрид беше во возвратна посета на Црвен крст Мор ог Ромсдал, Норвешка со цел заеднички да се изработи планот за акција и дефинираат конкретните подрачја и активности на делување во наредниот тригодишен период на соработка.

Во делегацијата на Црвен крст Охрид покрај претставници на раководната и управната структура на организацијата, беа и претставник на младите, на Центарот за безбедност на вода и на Планинската спасителна служба на Црвен крст Охрид.

Прекрасните домаќини не запознаа со активностите на организацијата, посветувајќи посебно внимание на програмите со кои се опфатени младите, здравствените програми, програмата за нега на стари лица како и делувањето на службите за пребарување и спасување на вода и планина. Се запознавме и уживавме и во знаменитостите и убавините на овој прекрасен регион распослан на фјордовите на Норвешко море во најсеверниот дел од западна Норвешка.

Имајќи ги во предвид капацитетите и потенцијалот на ресурсите со кои располагаат двете организации, како и

посветеноста на волонтерите, заеднички беше заклучокот за потребата од размена на знаења, вештини и искуства во соодветните области. Токму на тие основи претставниците на двете организации го разработија и дефинираа планот за акција и насоките за заедничка соработка во наредниот период.

Во рамки на посетата претставниците на Црвен крст Охрид имаа можност да учествуваат во редовните годишни работни сесии на преку 300 волонтери на Црвен крст Мор ог Ромсдал во најразлични области на делување на Црвениот крст.

Во таа прилика беше презентирана и работата на Црвен крст Охрид, како и убавините на Охрид и Македонија.

Møre og Romsdal Røde Kors

< врати се назад