
Посета на Солферино
Во периодот од 23 до 27 април 2025 година беше реализирано патување во Италија, по повод одбележување на десетгодишниот јубилеј на меѓународната програма „Силна алка“.
Во рамките на оваа посета, учесниците имаа можност да го посетат Меморијалниот музеј на Црвениот крст во градот Солферино, како и градот Кастиљоне – местото кое претставува почетна точка на хуманитарната визија и каде се родила идејата за формирање на Движењето на Црвениот крст.
На ова патување учествуваа претставници од Црвен крст Охрид, како и од партнерските организации од Србија (Црвен крст Ужице, Црвен крст Крагуевац и Црвен крст Суботица) и од Црна гора (Црвен крст Бар).
Посетата на Солферино понуди можност за сите присутни директно да се запознаат со историјата на движењето, инспирацијата на Анри Динан и страдањата на војниците по битката кај Солферино во 1859 година. Во градот Кастиљоне, беа посетени објектите каде Динан, заедно со локалното население, ја започнал првата организирана хуманитарна помош со пружење на прва помош на сите војници по крвавата битка кај Солферино.
Покрај историските дестинации, делегацијата ги посети и Градската организација на Црвен крст Загреб (Хрватска) и Општинската организација на Црвен крст Марибор (Словенија). За време на посетите се одржаа состаноци со одговорни лица и волонтери, каде сите присутни беа запознаени со нивните актуелни активности, начинот на работа, човечките и техничките капацитети. Состаноците во Загреб и Марибор беа особено продуктивни и се изрази заемна подготвеност за заедничката соработка. Двете организации покажаа интерес за приклучување кон меѓународната програма „Силна алка“, со што дополнително ќе се зацврсти регионалната хуманитарна поврзаност и размена на добри практики.
Ова патување претставуваше значајна можност за потсетување на историските корени на движењето на Црвениот крст, како и за унапредување на партнерствата помеѓу организациите од регионот. Одбележувањето на 10-годишнината на „Силна алка“ во ваков контекст претставува поттик за понатамошна посветена работа и развој на солидарноста како една од основните вредности на нашата заедничка мисија.


















