ПОКАЗНА ВЕЖБА ЗА ЗАШТИТА, СПАСУВАЊЕ И ЕВАКУАЦИЈА ПРИ СЛУЧЕНА ЕЛЕМЕНТАРНА НЕПОГОДА
Професионалност, координираност и ефикасност во делувањето покажаа тимовите на Територијалната противпожарна единица Охрид, Секторот за внатрешни работи Охрид, Медицинските тимови на Здравствен дом Струга и тимовите за прва помош, реалистички приказ на повреди и психолошка прва помош на Црвен крст Охрид, Центарот за управување со кризи-Одделение во Охрид и Дирекцијата за заштита и спасување-Одделение во Охрид вклучени во организација и реализацијата на показната вежба за заштита, спасување и евакуација при случена елементарна непогода, која се одржа денес во компанијата МАГНА.
Висока одговорност и присебност манифестираа менаџментот и вработените во компанијата МАГНА, во делувањето при вакви несреќи и евакуацијата од зградата на компанијата.
Деновиве стручните тимови на надлежните институции ќе извршат евалуација на самата показна вежба каде ќе се евидентираат и истакнат добрите страни и евентуалните слабости, со цел надминување на истите.
Изразуваме голема благодарност до сите институции инволвирани во оваа вежба, ја истакнуваме високата општествена одговорност и професионалност на менаџментот и вработените во компанијата МАГНА и ги охрабруваме сите правни субјекти, сериозно да пристапуваат и ги применуваат чекорите за превенција и постапките за делување и одговор во случај на елементарни непогоди и катастрофи, во своите компании, институции, фирми.