април 6, 2026

Показна вежба за евакуација при елементарна непогода – ООУ „Братство Единство“

Денеска, во двата објекти на ООУ „Братство Единство“ во Охрид, успешно се реализираше показна вежба за евакуација при елементарна непогода, организирана преку заедничка соработка и координација на повеќе институции.

Високо ниво на професионалност, координираност и ефикасност демонстрираа тимовите на Територијалната противпожарна единица Охрид, Секторот за внатрешни работи Охрид, како и тимовите за прва помош, реалистички приказ на повреди и психолошка прва помош при Црвен крст Охрид. Активностите се реализираа во соработка со Центарот за управување со кризи – Одделение Охрид и Дирекцијата за заштита и спасување – Одделение Охрид.

Симулациската вежба се одвиваше според сценарио на земјотрес и пожар, со реално време на реакција и интервенција на надлежните служби. Учениците, наставниот кадар и техничкиот персонал покажаа високо ниво на подготвеност, присебност и одговорност при навремена и безбедна евакуација од училишниот објект.

Со оваа вежба, училиштето го тестираше и практично го примени Планот за заштита и спасување, како и Планот за евакуација, во согласност со законските обврски за редовно спроведување на вакви активности. Целта беше сите учесници да се запознаат со правилните насоки на движење, мерките за заштита и соодветното постапување во услови на елементарна непогода.

Ваквите активности имаат значајна улога во унапредување на безбедноста во училиштата и јакнење на подготвеноста за навремена и ефикасна реакција во кризни ситуации.

Изразуваме голема благодарност до сите институции и учесници за нивниот придонес во успешната реализација на вежбата.

Безбедноста е заедничка одговорност!

< врати се назад