Подароци за волонтери-матуранти од Клуб на млади
На ден 17.07.2019 на редовниот состанок на Клуб на млади беа доделени скромни персонализирани подароци на 40 волонтери-матуранти при Црвен крст на Република Македонија-Општинска организација Охрид. Овој настан се случува трета година по ред и има за цел да го уважи трудот на волонтерите кои заминуваат на студии но во текот на нивното волонтирање во Општинска организација Охрид дале огромен придонес за креирање, развој и унапредување на програмските содржини. На волонтерите-матуранти им беа доделени шолји со нивна слика од акција најдрага за нив носејќи ја униформата и амблемот на Црвен крст. При врачувањето на подароците, секој од волонтерите имаше можност од другите да слушне за себе позитивни работи за својот ангажман во рамките на Црвен крст, за позитивниот пример кој го давал на помладите волонтери и за животното искуство кое ќе го понесе од периодот на волонтирање. Подароците ги врачија Јованка Сион Доленц и Весна Терзиоска, долгогодишни волонтери, едукатори и мотиватори, кои работат со младинците вклучени во повеќето програмски активности на Општинска организација Охрид. На состанокот присуствуваа членови од сегашното и поранешното раководство на Клуб на млади, стручната служба и многу волонтери кои дополнително беа мотивирани од емотивните говори на нивните повозрасни пријатели.