јуни 8, 2026

Пештерски организми во Националниот парк Галичица

Во рамките на проектот „Заштита на пештерските екосистеми од влијанијата на климатските промени и воспоставување одржлив систем за одговор на катастрофи во Националниот парк Галичица“ се спроведуваат научни истражувања на пештерските екосистеми во Националниот парк Галичица.

Пештерските организми се високо специјализирани организми кои поседуваат специфични и често пати необични адаптации. Организмите кои живеат само во пештерите и никогаш надвор од нив се наречени троглобити. Овие видови обично поседуваат специфични адаптации кои им овозможуваат опстанок во пештерските екосистеми. Редукцијата на очите и нивно потполно исчезнување е нивна карактеристика. Троглобитите имаат често депигментирана надворешна обвивка на телото, па затоа нивната боја е често пати млечно бела, жолтеникава или светло црвеникава. Имаат зголемена чувствителност за мирис и допир што е поврзано и со појава на издолжени антени и екстремитети со долги влакна и четини.

Во Националниот парк Галичица живеат троглобити од различни систематски групи, како: тврдокрилци и други инсекти, пајаци, изоподи, лажни шкорпии и сенокосци.

Истражувањето на пештерската фауна не е само работа на терен — тоа е спој на посветеност, трпение и научна прецизност. Часови поминати во пештери, собирање на милиметарски примероци во тешки услови, во потполн мрак и често пониски тепмератури на воздухот и подоцна детална анализа на собраниот материјал под микроскоп се дел од процесот што овозможува добивање квалитетни и сигурни резултати. Користењето микроскоп овозможува детекција и идентификација на ситни морфолошки карактеристики, клучни за добивање точни научни резултати.

Погледнете фотографии од пештерска фауна направени со микроскоп.

Проектот „Заштита на пештерските екосистеми од влијанијата на климатските промени и воспоставување одржлив систем за одговор на катастрофи во Националниот парк Галичица“ е поддржан од Prespa Ohrid Nature Trust – PONT, а го спроведуваат Црвен крст Охрид и Истражувачкото друштво „Урсус спелеос“ – Скопје, во соработка со Јавната установа Национален парк Галичица.

< врати се назад