јуни 27, 2024

Пештерски бисери – што се и во која пештера во Националниот парк Галичица се евидентирани

Во рамките на проектот „Заштита на пештерските екосистеми и загрозените растителни и животински видови во Националниот парк Галичица од негативните ефекти на климатските промени“ се реализираа низа истражувачки активности во пештерите во Паркот. Во текот на овие активности, утврдени беа бројни интересни факти – продолжуваме да ви презентираме некои од тие факти.

Во Националниот парк Галичица, украсите пештерски бисери се евидентирани единствено во пештерата Самотска Дупка и во ниту една друга пештера во Паркот.

Пештерските бисери се украси со топчеста или елипсовидна форма и се најчесто мазни. Во пештерата Самотска Дупка, тие ги исполнуваат травертинските басени кои се на подот од главниот пештерски канал. Бисерите имаат дијаметар од 0,5-1 cм, но има и бисери со дијаметар до 2 cм. Нивната боја е црвенкасто-кафена и бела.

Овој тип украси настанале кога низ плитките травертински басени течел заситен воден раствор со мала брзина. Притоа, CO2 се губел во воздухот, а дел од карбонатниот материјал се таложел околу песоците, чакалите или скршените пештерски украси (сталактити), кои претставувале јадра за формирање на бисерите, а дел се таложел во вдлабнатината околу бисерите. Во водниот раствор, бисерите биле во постојано движење и брзината на растење на надворешниот слој била еднаква насекаде, па затоа тие растеле подеднакво на сите страни и добиле топчеста форма. Подоцна, водата која капела од украсите над бисерите или водата што течела низ травертинските басени, не дозволила бисерите да се зацврстат за подлогата.

Погледнете неколку фотографии од пештерски бисери, направени во текот на научните активности во Самотска Дупка.

Проектот „Заштита на пештерските екосистеми и загрозените растителни и животински видови во Националниот парк Галичица од негативните ефекти на климатските промени“ е поддржан од Prespa Ohrid Nature Trust – PONT, а го реализираат Црвен крст Охрид и Истражувачко друштво „Урсус спелеос“ – Скопје, во соработка со Јавната установа Национален парк Галичица.

Exploring Society “Ursus Speleos” //\\ Истражувачко Друштво “Урсус Спелеос”

National Park Galicica

< врати се назад