октомври 20, 2026

ПЕШТЕРИ ВО НАЦИОНАЛНИОТ ПАРК ГАЛИЧИЦА – КРСТОВА ПЕШТЕРА

Во рамките на проектот „Заштита на пештерските екосистеми од влијанијата на климатските промени и воспоставување одржлив систем за одговор на катастрофи во Националниот парк Галичица“ се спроведуваат научни истражувања на пештери во Паркот. Меѓу проучуваните пештери е и Крстова Пештера и денес ви презентираме интересни факти за неа. 👇

Крстова Пештера се наоѓа во близина на село Трпејца. Пештерата е долга околу 60 метри. Таа е мошне интересна бидејќи е формирана на раседна пукнатина поради што ширината на главниот пештерски канал е еднаква со ширината на пукнатината. Пештерата е изградена од варовници кои се силно испукани и исполнети со бреча.

Крстова Пештера е богата со различни пештерски украси, како сливови, драперии, сталактити, сталагмити, пештерски корали. Украсите ги покриваат пештерските ѕидови и срушените карпести блокови. Нивната боја е црвенкаста, портокалова и бела.

Температурата на воздухот во Крстова Пештера во пролетниот период од годината е 16°C, а влажноста на воздухот е 66 проценти.

Во Крстова Пештера живеат шест видови троглобитни организми, т.е. организми кои живеат само во пештери и не се сретнуваат надвор од нив. Пештерата е од исклучително значење бидејќи во неа е евидентиран 𝘗𝘶𝘳𝘬𝘺𝘯𝘦𝘭𝘭𝘢 𝘳𝘢𝘮𝘣𝘰𝘶𝘴𝘦𝘬𝘪 кој е монотипски ендемичен род, познат само од оваа пештера. Покрај овој вид, се сретнуваат и пештерски полжави од родот 𝘎𝘺𝘳𝘢𝘭𝘪𝘯𝘢.

Од троглофилите, односно организми кои живеат во пештерите, но може да се сретнат и надвор од нив, во Крстова Пештера евидентирани се седум видови, меѓу кои: 𝘖𝘹𝘺𝘤𝘩𝘪𝘭𝘶𝘴 sp., 𝘓𝘢𝘦𝘮𝘰𝘴𝘵𝘦𝘯𝘶𝘴 𝘵𝘦𝘳𝘳𝘪𝘤𝘰𝘭𝘢 𝘱𝘶𝘯𝘤𝘵𝘢𝘵𝘶𝘴, 𝘛𝘳𝘰𝘨𝘭𝘰𝘱𝘩𝘪𝘭𝘶𝘴, пајакот 𝘔𝘦𝘵𝘢 𝘮𝘦𝘯𝘢𝘳𝘥𝘪, комарецот 𝘓𝘪𝘮𝘰𝘯𝘪𝘢 𝘯𝘶𝘣𝘦𝘤𝘶𝘭𝘰𝘴𝘢 и други видови.

Од лилјаците, во Крстова Пештера евидентирани се видовите Мал потковичар (𝘙𝘩𝘪𝘯𝘰𝘭𝘰𝘱𝘩𝘶𝘴 𝘩𝘪𝘱𝘱𝘰𝘴𝘪𝘥𝘦𝘳𝘰𝘴) и Медитерански потковичар (𝘙𝘩𝘪𝘯𝘰𝘭𝘰𝘱𝘩𝘶𝘴 𝘦𝘶𝘳𝘺𝘢𝘭𝘦) кои се наоѓаат на Црвената листа на IUCN и во Анекс II и IV од Директивата за живеалишта на ЕУ.

Поради спелеолошкото значење и богатата пештерска фауна, во рамките на проектот Крстова Пештера е предмет на четирисезонски мониторинг.

Проектот „Заштита на пештерските екосистеми од влијанијата на климатските промени и воспоставување одржлив систем за одговор на катастрофи во Националниот парк Галичица“ е поддржан од Prespa Ohrid Nature Trust – PONT, а го спроведуваат Црвен крст Охрид и Истражувачкото друштво „Урсус спелеос“ – Скопје, во соработка со Јавната установа Национален парк Галичица.

< врати се назад