
ОСУМДЕСЕТ ГОДИНИ ЦРВЕН КРСТ ОХРИД
Годинава се навршуваат осумдесет години од формирањето и делувањето на Црвен крст Охрид. Далечната 1945 година, на 26 март, на основачката средба на, тогаш Околиски Одбор на Друштвото на Црвен крст, избрани се членови на Извршниот одбор: Јонче Заро-претседател. Трговец од Охрид, Миле Јане-потпретседател, исто така трговец од Охрид, Сика Огненова, секретар, учителка од Охрид, Блаже Арнаудоски, лекар од Охрид кој ја водел санитарната, а Номче Сотировски од с. Љубаништа, банкарски чиновник, бил одговорен за ресорно-административната комисија. Според записникот, за економско работење била задолжена чиновничката Вита Лукичка, а за финансиите Боро Фортомар-рентиер, и двајцата од Охрид.
На првата конститутивна седница било одлучено со жените да работи Ана Крстеска, домаќинка од с. Турје, а со младите Ристо Чорбе, работник од с. Белчишта. На истата конститутивна седница биле избрани и членови на Надзорниот одбор: Петре Вељаноски-претседател од с. Мешеишта, а членови Ванчо Гаврилоски од с. Црвена Вода, Тодор Попоски од с. Велмеј, Каља Колеска од с. Слатино, Мицко Трајкоски од с. Долно Лакочереј, Тодор Јанески од с. Љубаништа и Леонид Трпеноски-поп, од Охрид.
Ова се имињата на хуманистите кои го започнале организираното делување на организацијата на Црвениот крст во Охрид. Списокот со имињата на нивните следбеници за овој 80-годишен период, е многу подолг.
Во почит кон сите нив и кон корисниците на нашите услуги, активностите на Црвен крст Охрид оваа 2025 година ќе бидат во знакот на јубилејот 80 години Црвен крст Охрид.

