Нова мисија пред планинските спасители
Македонскиот Национален сојуз за планинско спасување доби признание за постигнатите резултати од Интернационалната комисија за алпинистичко спасување (ИКАР). ИКАР ги обединува сите спасителни служби од светот, а дел од нив е и националната спасителна служба. Македонските спасителите добија покана за трансформација на нивното членството од Б во А категорија после неколку години од приемот во ИКАР. Признанието доаѓа за постигнатите резултати на полето на спасување во изминатите 7-8 години, информира Антонио Додевски, од планинската спасителна служба од Охрид и делегат од националниот сојуз на 73от конгрес на ИКАР, во Швајцарија.
„За нас е признание затоа што е прогресирање во членството почнувајќи од Е категорија нагоре, а тоа не оди случајно. Оди по принцип на развој, на постигнати резултати од претходното ниво на активности и работата која ја спроведуваме. Најважно од се е, организацијата која е член со било која категорија дали ја покрива територијата на целата држава. Тоа е нашата интенција тука ќе имаме доста работа. Останатите организации да ги јакнат нивните капацитети во наредниот период што е можно повеќе“, напоменува Додевски.
Покрај тоа, македонските, планински спасители добија право на 4 гласа во Генералното Собрание на ИКАР, еднакво со најмоќните спасителни служби во светот, кажува Додевски. Пред нас претстои работа за да ги обединиме сите тимови од организациите, клубовите и службите кои работат спасување на планина кај нас. Објективно гледано, тие работат со недостаток на опрема, возила, а и едукацијата на спасителите не е на еднакво ниво.
„Целта на националниот сојуз е примена на целите на ИКАР, да се применат нивните стандарди на територија на нашата држава, да извршиме обуки, сертифицирање , да дефинираме стандарди за работа на службата , стандардни процедури и протоколи по кои ќе овозможиме еднаков третман на несреќите на планина на било која точка од државата. За жал, сега не е така , пред нас претстои многу работа за да се постигне ова“, вели Антонио Додевски.
Охридската планинска спасителна служба дејствува во регионот и оштините Охрид, Струга, Дебарца, Вевчани, Ресен и Поградец. Службата располага со современ оперативен и тренинг центар, две теренски возила и специјализирана опрема за изведување на сложени спасителни операции на планина. За СОС потребите на корисниците, се достапни 24 часа , 7 дена во неделата на дежурниот телефонски број 13-112 или преку андроид апликацијата за паметни телефони, која бесплатно може да се спушти од Play Store. За 10 месеци од оваа година имала 26 интервенции без сериозни политрауми, а лани интервенирала во 50 случаи од кои 14 биле со политрауми.
Нова мисија пред планинските спасители