Неделата на борба против рак
Согласно календарот на традиционални активности на од 01 до 08 март 2021 година Црвен крст на Република Северна Македонија ќе ја одбележи Неделата на борба против рак под мотото “Јас можам и Јас ќе успеам”– во борбата против рак.
Клучна улога во борбата против ракот претставуваат здравствените услуги за неговото рано откривање.
Секоја година во светот заболуваат над 12 милиони луѓе од некој вид на рак, додека 7,6 милиони умираат како последица на болеста. Во Република Северна Македонија, секоја година се откриваат околу 6.000 нови случаи на заболени од рак. Овие бројки се навистина застрашувачки и алармантни.
Малигните заболувања со учество од 20-25 % се наоѓаат на второ место по причините за смрт веднаш по кардио-васкуларните болести.
Експертите од Меѓународната унија за рак и СЗО нагласуваат дека приближно 40% од карциномите можат потенцијално да се спречат и ризикот од развој на ракот може значително да се намали со примена на едноставни превентивни мерки и промена на животните навики :
- престанок на пушење и избегнување на пасивно пушење,
- ограничена консумација на алкохол,
- секојдневна физичка активност,
- јадење здрава храна,
- одржување нормална телесна тежина,
- избегнување на прекумерна изложеност на сонце и
- заштита од инфекции кои предизвикуваат рак.