
Набавен професионален микроскоп за анализа на пештерска фауна
Во рамките на проектот „Заштита на пештерските екосистеми од влијанијата на климатските промени и воспоставување одржлив систем за одговор на катастрофи во Националниот парк Галичица“ се спроведуваат научни истражувања на пештерските екосистеми во Паркот. За таа цел, набавен е професионален микроскоп за детална анализа на пештерската фауна.
Тимот што ги спроведува истражувањата сега располага со алатка што ќе му овозможи да навлезе во невидливиот, но исклучително значаен свет на подземната биолошка разновидност во пештерите во Националниот парк Галичица.
Употребата на микроскопот ќе овозможи:
-прецизно да се идентификува ситната пештерска фауна
-да се анализираат морфолошките карактеристики на пештерските жители со висока точност
-да се собираат релевантни научни податоци за состојбата на пештерските екосистеми
-да се оствари придонес кон нивна долгорочна заштита.
Пештерите се скриени светови со уникатни и често ендемични видови, чувствителни на најмали промени. Со оваа инвестиција, проектните партнери го зајакнуваат нивниот капацитет и посветеност кон истражување, зачувување и промоција на подземното природно наследство на Галичица.
Проектот „Заштита на пештерските екосистеми од влијанијата на климатските промени и воспоставување одржлив систем за одговор на катастрофи во Националниот парк Галичица“ е поддржан од Prespa Ohrid Nature Trust – PONT, а го спроведуваат Црвен крст Охрид и Истражувачкото друштво „Урсус спелеос“ – Скопје, во соработка со Јавната установа Национален парк Галичица. Реализацијата на проектот започна на 1 септември 2025 година и ќе трае до 1 септември 2028 година.
Exploring Society “Ursus Speleos” //\\ Истражувачко Друштво “Урсус Спелеос”






