јуни 23, 2021

Месец на ментално здравје

Јуни 2021 – месец на ментално здравје според Европската мрежа на млади на Црвен крст

Под мото ‘Истражи се и надогради се’ овој месец се посветивме на менталното здравје на нашите најважни носители на иднината – младите!

Во склоп на месецот се организираа повеќе работилници на кои се работеше на ментално здравје со волонтерите.

Работевме на менаџментот со стрес, самодовербата, сигурноста во себе и добросостојбата, која треба да ја изградиме кај нашите волонтери за да се ефикасни и да продолжат да прават огромни добри дела во нашата заедница.

Се одржа онлајн работилница за “Менаџмент со стрес”со Михаела Протугер, студент на психологија, а воедно и долгогодишен волонтер на Општинска организација Охрид. Михаела вели за успешно да се справиме со стресот треба директно да се соочиме со проблемот кој го предизвикува истиот, а притоа наведе и некои дополнителни корисни техники.

Во текот на претходниот викенд се одржа работилница за ментално здравје и самодоверба со м-р психолог Ранко Раткушиноски!

На оваа работилница која се одржа во тренинг центарот во Велестово преку работа во тимови, вежби, игри и дискусии, нашите волонтери ја развиваа свеста за себе и се запознаа со методи со кои можат да ја зголемат самопочитта!

„Самопочитувањето е дел е од поимот за себе, тоа е предуслов за среќа, квалитетни меѓучовечки односи и успех во тоа што го работиме.“ – вели Ранко.

И на крајот од месецот од страна на нашите волонтерки Сара Коваческа и Ивана Грданова во пријатно расположение беше одржана уште една работилница “Преку физичка активност до подобро ментално здравје”, за тоа колку е важна физичката активност за да се одржи правилно ментално здравје. На работилницата учествуваа волонтери од Клубот на млади на Општинска организација Охрид и истата беше остварена во склоп на месецот посветен на менталнотто здравје.

Преку поделени искуства, практични вежби и тим-билдинг игри, Сара и Ивана укажаа на тоа колку е важно да се остане физички активен. А крајот на работилницата беше надополнет со медитирање и заедничко релаксирање.

Придружете се на нашата фамилија на волонтери која е симбол на безбедност, другарство и човечност

< врати се назад