МЕЃУНАРОДНА НАПРЕДНА ОБУКА ЗА ПРВА ПОМОШ – ПАРАМЕДИЦИ
Во период од 12-21.09.2024 година во организација на Црвен крст Охрид, а во соработка со Црвен крст Зеволде од Холандија, по трет пат се одржа меѓународна напредна обука за прва помош според програмата за предхоспитално одржување во живот на пациенти – PHTLS (Pre Hospital Trauma Life Support).
Станува збор за единствен ваков пример во регионот каде Црвен крст Охрид во соработка со Црвен Крст Зеволде и Националниот здравствен сервис на Холандија обучува лица кои први реагираат и пружаат помош на местото на несреќата при итни медицински случаи.
Вакви обуки, според европските стандарди и протоколи, беа спроведени во Црвен крст Охрид во 2016 и 2018 година. Позитивните искуства како и потребата за лица обучени за укажување на прва помош и реанимација во различни ситуации, и овој пат беше предизвик за Црвен крст Охрид и Црвен крст Зеволде од Холандија да организираат обука за парамедици според програмата PHTLS (Pre Hospital Trauma Life Support). Оваа година обуката се одлучи да се прошири на регионално ниво како Црвен крст Охрид преку соработката со нашите партнер организации, Црвен крст од Суботица, Крагујевац, Ужице од Србија и Бар од Црна гора, да се направи меѓународна, да ја прошириме нашата соработка, воедно и нашите знаења. Искуствата кои тие ги добиваат на овој начин ги споделуваат со останатите, што воедно значи и надградба на капацитети и ресурси во трите национални друштва.
Обуката за парамедици која ја реализираше општинската организација во соработка со Црвен Крст Зеволде од Холандија доаѓа како резултат на долгогодишната взаемна соработка а започна во 2015 година кога беше донирано амбулантно возило со опрема.
Jа посетуваа 13 кандидати на Црвен крст Охрид, Суботица, Крагујевац, Ужице и Бар кои претходно беа избрани според посебни критериуми од страна на инструктор-парамедик од Националниот здравствен сервис на Холандија во соработка со Црвен крст Охрид и Општинското средно медицинско училиште Св. Кирил и Методиј од Охрид.
Обуката ја водеше искусен инструктор за прва помош од Холандија, Роб Судмеијер, со обука за PHTLS завршена на Јеил универзитетот во САД и со огромно искуство во организација и спроведување посебни обуки за педијатриска прва помош, прва помош при користење на алкохол и психоактивни супстанци, прва помош при повреди во спортски активности и друго, заедно со парамедик и студент на медицина, Емилија Петровска од Охрид.
Инструкторот Роб Судмеијер, со помош на парамедик на Црвен крст Охрид и студент на медицина, Емилија Петровска, со високо професионален пристап, најсовремена опрема и нагледни средства, ги обучуваа кандидатите за парамедици со најнови знаења и техники во справување со најсложени ситуации и интервенции на укажување на прва помош, третман и реанимација на повредени како и транспорт со амбулантно возило.
За учесниците на обуката истата беше од големо значење бидејќи го надоградуваат знаењето кое веќе го имаат стекнато за пружање прва помош и преку практичните вежби се стекнуваат со нови искуства за делување во реални ситуации.