Kој спелеолошки објект во Националниот парк Галичица има најмал влез?
Во текот на научните истражувања спроведени во рамките на проектот „Заштита на пештерските екосистеми и загрозените растителни и животински видови во Националниот парк Галичица од негативните ефекти на климатските промени“, утврдени беа бројни интересни факти за спелеолошките објекти во Паркот. Продолжуваме да ви презентираме некои од тие факти.
Пропаста Кларите е спелеолошкиот објект во Националниот парк Галичица којшто има најмал влез. Димензиите на влезот во пропаста изнесуваат 0,6 x 1,5 метри.
Пропаста Кларите се наоѓа во месноста Черемушана, од преспанска страна на Паркот. Нејзината длабочина е -19,2 м, а вкупната должина на каналите е 22,3 м. Во летните месеци од годината, температурата на воздухот е 16°C, а влажноста на воздухот е 78,9%. Пештерскиот екосистем е одлично зачуван, без евидентирана деградација. Пропаста е богата со пештерски украси, а пештерските корали се најзастапени. Во пропаста живеат три видови троглобитни и два вида троглофилни организми. Лилјакот мал потковичар е евидентиран во пропаста.
Погледнете неколку фотографии од пропаста Кларите направени во текот на истражувањата.
Проектот „Заштита на пештерските екосистеми и загрозените растителни и животински видови во Националниот парк Галичица од негативните ефекти на климатските промени“ е поддржан од Prespa Ohrid Nature Trust – PONT, а го реализираат Црвен крст Охрид и Истражувачко друштво „Урсус спелеос“ – Скопје, во соработка со Јавната установа Национален парк Галичица.
Exploring Society “Ursus Speleos” //\\ Истражувачко Друштво “Урсус Спелеос”