
ЈУБИЛЕЈ 80 ГОДИНИ ЦРВЕН КРСТ ОХРИД
Во прекрасен амбиент на летната сцена на „Долни Сарај“ во Охрид, во присуство на бројни охриѓани и гости, почитувачи, подржувачи на активностите на Црвен крст Охрид, вчера, достојно беше одбележан јубилејот 80 години од основањето и непрекинато делување на Црвен крст Охрид.
Со многу емоции и возбуда беше истакната улогата и придонесот на сите оние што биле и се дел од 8 децениското патување на Црвен крст Охрид и одадена почит на основачите, на волонтерите, вработените, на соработниците, поддржувачите, донаторите, на институции и на генерации охриѓани кои несебично дарувале време, срце и енергија и со својата доверба и соработка ја правеле и ја прават возможна работата на Црвен крст Охрид.
На оваа свеченост беа доделени и највисоки јубилејни признанија-плакети на Јованка Стурлакова-Коровешовска и Соња Стурлакова-Димовска за нивниот преку 50 годишен ангажман и придонес за развој на Црвен крст Охрид. Јубилејни плакети беа доделени и на организациите на Црвен крст Бамберг, Германија, Црвен крст Суботица, Црвен крст Крагуевац, Црвен крст Ужице, Србија и Црвен крст Бар, Црна Гора во знак на почит и благодарност за долгогодишна и континуирана соработка во многу заеднички проекти и резултати, што придонесле за надградба на капацитетите и развој на нашата организација.
Беше истакната и успешната соработка на Црвен крст Охрид со други организации на Црвен крст од Холандија и Норвешка и долгогодишната плодна соработка со организацијата Canadians for Children at Health Risk-CCHR (Канаѓани за деца во здравствен ризик), од Торонто, Канада.
По завршување на официјалниот дел присутните имаа можност да се запознаат со дел од ресурсите и опремата на поедини области на делување на Црвен крст Охрид во делот на Подготвеност и дејствување при катастрофи, делувањето на Спасителите на вода, Планинската спасителна служба, тимовите за прва помош, работата на младите, Нега Центарот, Програмата за грижа за стари лица и дирекно да разговараат со волонтерите вклучени во активностите.
Осумдесет годишното делување на Црвен крст Охрид и одбележувањето на овој јубилеј нека биде потсетник дека хуманоста е нашето најсилно оружје, дека секој мал гест на добрина може да направи голема разлика во животот на некого. Инспирирани од минатото и мотивирани за иднината можеме да создаваме нови генерации волонтери и да изградиме заедница во која ќе се грижиме едни за други останувајќи верни на мисијата – човекот на прво место.
Свеченоста беше запечатена со апел и ветување дека ќе го зачуваме пламенот на хуманоста жив, дека ќе продолжиме по истиот пат – со отворени срца, со цврста волја и со верба во добрината, да останеме гласот на надежта, светлина во темнината, сила што обединува и помага и светилник на хуманоста што инспирира.




