март 11, 2022

Еразмус+ клубот од ООУ „Ванчо Николески“ во посета на ОО Црвен Крст Охрид

Во рамки на активностите од Еразмус+ проектите, а во соработка со ОО Црвен Крст Охрид, ученици од Еразмус+ клубот при ООУ „Ванчо Николески“ – Лескоец, Охрид, беа во посета на општинската организција Црвен Крст Охрид. Со учениците од VII и IX одделение беше реализирана интерактивна дисеминациска работилница, преку која тие имаа можност да се запознаат со Движењето на Црвениот крст и Црвената полумесечина, со принципите, со значењето на амблемот, како и со активностите што ги спроведува оваа организација на национално и локално ниво. Посебен акцент беше ставен на волонтерите и волонтирањето, како клучен фактор за успешно реализирање на сите активности на Црвен крст и помагање таму каде што е најпотребно. Учениците поставуваа прашања, а најмногу беа заинтересирани за мотивот за волонтирање, карактеристиките на волонтерот како личност, како и нематеријалните придобивки на личен и професионален план што ги стекнува волонтерот во процесот на волонтирање. 

Исто така, учениците имаа можност да се запознаат со просторните, човечките и другите капацитети со кои располага оваа општинска организација, како и со можностите за нивно вклучување во волонтерските редови. Овие активности се во насока на поттикнување на хуманоста кај учениците, почит кон другите, разбирање и толеранција на различните од нив и помагање онаму каде што е потребно.

< врати се назад