октомври 17, 2022
Ден на борба против глад
Во животот, на луѓето им се случуваат немили настани како губење работа, болест во семејството, губење на близок член, природни катастрофи како поплава, пожар… и сл. и истото повлекува финансиски проблеми кои го нарушуваат секојдневното живеење и тогаш приоритетите се менуваат. Тогаш храната е најголем приоритет кој треба да се обезбеди, а потоа да се соберат сили и да се надминат и другите потешкотии. Дополнителна закана за најранливите лица и семејства е енергетската криза со што се продлабочи несигурноста во обезбедување и подготовка на храна. Социјално ранливите семејства често бараат храна токму во Црвениот крст, кој има улога да го намали страдањето и да им даде поддршка во најтешките моменти.
За таа цел Црвен крст Охрид традиционално ја организира кампањата за „Ден на борба против глад“ под мотото „ПОМИСЛЕТЕ И НА НАС“ со цел поттикнување на граѓаните, компании, фирми, банки итн. активно да учествуваат во оваа хуманитарна акција.
Оваа година Меѓународниот ден на борба против гладта 16 Октомври и Неделата на борба против гладта (16-22 Октомври) ќе го одбележиме со активности насочени кон прибирање на доброволни прилози наменети за набавка на прехрамбени производи за подготовка на хуманитарни пакети за социјално најзагрозените семејства од Охрид и Дебрца.
Во текот на Неделата на борба против гладта од 16-22 Октомври во повеќе градски маркети ќе бидат поставени пунктови на Црвен крст Охрид со видно обележени корпи во кои хуманите сограѓани ќе можат да стават-донираат прехрамбени производи.
Од донираните средства и собраните намирници во кампањата ќе се подготват хуманитарни пакети со прехрамбени производи, кои ќе бидат дистрибуирани до крајните корисници.
Упатуваме апел до нашите сограѓани, компании, фирми, институции, да се вклучат во хуманитарната собирна акција на Црвен крст Охрид и според своите можности дадат придонес во олеснувањето на секојдневието на социјално најзагрозените семејства од Охрид и Дебрца.
Ви благодариме за поддршката и помошта во реализација на хуманитарните активности.