Атракција на Охридското Езеро – Јане Петков со нов предизвик
Ohrid Water Festival 2024 оваа година нуди посебна атракција – настани кои во организација на Црвен крст Охрид, а со поддршка на ПК Охридски бранови 2008 Охрид и Нуркачкиот центар Акватек, ќе се одржат во Охрид, и тоа:
Презентација на тема „НЕВЕРОЈАТНИТЕ МОЖНОСТИ НА ЧОВЕЧКИОТ ДУХ“ која ќе се одржи во просториите на Црвен крст Охрид на 26.08.2024 г. (понеделник) со почеток во 19 ч. Презентерот Јане Петков од Сандански, Бугарија ќе открие интересни техники за дишење и медитација пред неговиот нов подвиг.
На 27.08.2024 г. (вторник), човекот амфибија, седумдесетгодишниот Јане Петков, во многу сложени услови, врзан со лисици, ланци и катинари, потопен на дното на Охридското Езеро, кај плажата Сарајште во Охрид, ќе се обиде да се ослободи и да излезе на површината на водата, без никакви помагала, по примерот на светски познатиот илузионист Хари Худини.
Ова ќе биде втор настан кој Црвен крст Охрид го организира со Јане Петков. Првиот, спортско-медицински настан за Гинисов рекорд, Црвен крст Охрид го организира на 10.09.2013 година, кога Јане Петков препливува растојание поголемо од 2 км. во Охридското Езеро, од плажата Орце Николов до Градското пристаниште во Охрид, целосно врзан во вреќа.
Јанко Петков е роден на 6 август 1954 година во Сандански, Пиринска Македонија. Натпреварувач е на пливачкиот клуб Вихрен од 1960-те. Добитник е на многу медали од натпревари во Бугарија и Грција. На почетокот на 1990-те, тој постави уникатен рекорд за пливање 2.100 метри под вода во базен за нешто повеќе од еден час, земајќи здив секој пат кога ќе го допре ѕидот. Оттука и неговото име „Човек амфибија“. Има рекорди за препливување на реката Дунав врзан во вреќа, подобрување на рекордот на Индиецот Гопал-Карли во Охридското Езеро во 2013 година.