декември 5, 2023
5-ти декември – Светски ден на волонтерството
По повод 5-ти декември, Светскиот ден на волонтерството, Црвен крст Охрид во вторник, 5.12.2023 г.(вторник) под мотото НАДЕЖ организира ДЕФИЛЕ НА ВОЛОНТЕРИ, со старт во 12:30 ч. од плоштад Чинар и цел кај Холандскиот парк.
На дефилето се поканети волонтери од сите возрасти и области на делување од здруженијата во нашиот град. Дефилирајќи низ градските улици на Охрид, волонтерите на одредени места ќе изведуваат соодветни перформанси нагласувајќи ја потребата и корисноста да се биде волонтер и испраќајќи силна порака дека волонтерството е НАДЕЖ за подобро утре и дека секој може и треба да го НАЈДЕ ВОЛОНТЕРОТ ВО СЕБЕ.
Волонтерство во Црвениот крст
-Волонтерството е доброволно давање на услуги инспирирано единствено од слободната волја, а не од желбата за материјална или финансиска добивка, и има за цел намалување на ранливоста на населението, во согласност со принципите на Црвениот крст и Црвената полумесечина.
-Волонтерството ги развива вредностите на граѓанското општество, како што се: почитување на разликите, хуманоста, одговорноста за други, одговорноста за своето мислење, одговорноста за својот избор, итн.
-Волонтерството е важно и придонесува за личниот развој на индивидуата која е ангажирана како волонтер кај која се развива самопочитувањето и почитувањето на другите, можност да ги примени своите вештини и знаења низ различни видови на волонтерски активности, можноста да се стекнат нови вештини и знаења со кои се зајакнуваат капацитетите на поединецот што овозможува да се зголемат можностите за вработување и професионален развој.
-Волонтерите се движечка сила на нашата организација.
-Волонтер може да биде секој, независно од возраста, полот, националност, раса или пречки во развојот.
-Волонтерите се ангажираат за реализација на волонтерските задачи во различни области врз основа на нивните вештини, способности, желби и можности и потребите на целните групи.
-Движењето на Црвениот крст во светот брои преку 130 милиони волонтери
7 од 10 луѓе во Европа се волонтери
-Волонтерството не е бесплатна работна сила, туку сила која креира и развива.
-Сиромашни се оние кои не работеле без никаков личен интерес, без материјална корист или финансиски надомест, а богати се оние кои се посветиле на волонтерството, кои го почувствувале задоволството да се биде волонтер, да се заврши некоја работа корисна за заедницата, да се помогне некому, без да се мисли, очекува или бара финансиски надомест.
Нашите волонтери донираат нешто многу повредно од парите и материјалното, тие го донираат своето време.