
30 години Промоција на хумани вредности
На 25 март се одржа промоцијата на монографијата „Три децении човечност“, дело на Љупчо Милковски, Весна Терзиоска, Илина Јакимовска и ПХВ координаторката Александра Ристовска, со поддршка од Националното друштво, ПХВ инструкторите и Меѓународниот комитет на Црвениот крст – канцеларија во Белград.
Со особена чест и гордост истакнуваме дека двајца наши долгогодишни и посветени волонтери, Весна Терзиоска и Љупчо Милковски, се дел од авторскиот тим на ова значајно дело, оставајќи траен белег во развојот и афирмацијата на програмата.
Во 30 поглавја, на 144 страници, хронолошки е раскажана приказната – од самите почетоци, преку трансферот од МКЦК во Црвениот крст, периодот на адаптација и развој, создавањето на тимот на инструктори, обуките за младинците и дисеминаторите, резултатите, мотивацијата и менторскиот систем. Опфатен е и меѓународниот аспект – искуствата од Шри Ланка, Косово, Србија, Албанија и Босна и Херцеговина, предизвиците за време на ковид-периодот, ПХВ неделите, како и признанијата и освоените пехари. Особено значајни се и 35-те мали ПХВ проекти – по еден од секоја ООЦК – како доказ за влијанието низ целата мрежа.
ЦКА-ПХВ (Црвен крст во акција – Промоција на хумани вредности) е национална програма која се реализира во сите општински организации на Црвениот крст во државата преку која младите, со поддршка на дисеминатори, реализираат мали проекти за поддршка на ранливи категории во заедницата за целни групи кои самите ги идентификуваат и со кои активно работат во период од три месеци. Преку оваа програма, тие стекнуваат знаења, вештини и вредности што придонесуваат за градење хумано, солидарно и толерантно општество.
Секоја година околу 30 младинци на возраст од 14 до 18 години добиваат обука и се оспособуваат за работа на терен, при што стекнуваат знаења, вештини и вредности што придонесуваат за градење хумано, солидарно и толерантно општество. Програмата остава трајно и видливо позитивно влијание, како врз младите, така и врз заедницата.











