март 22, 2022
22 Март – Светскиот ден на водата
Денес го одбележуваме 22 Март – Светскиот ден на водата, прогласен од страна на Обединетите нации (ОН) со што се истакнува важноста на слатката вода.
Оваа година посебен акцент е ставен на подземните води кои се невидливи, но нивното влијание е видливо насекаде. Надвор од очите, под нашите нозе, подземните води се скриено богатство што ги збогатува нашите животи. Како што климатските промени се влошуваат, подземните води ќе стануваат се покритични. Можеби се надвор од видното поле, но не смеат да бидат надвор од свеста.
Секој ден, просечното домаќинство троши околу 50 литри вода за да го исчисти тоалетот, секој шести човек на Земјата нема дневно 20-50 литри свежа вода, а 3.800 деца умираат секој ден од недостаток на вода. Се проценува дека дури 1,1 милијарда луѓе немаат пристап до вода за пиење, а 2,4 милијарди живеат без основни санитарни услови како последица од земјотреси, поплави, војна и други катастрофи.
Волонтерите на Црвен крст насекаде во светот прават напори и дејствуваат во насока на помагање и обезбедување на овој основен ресурс каде што е потребно со цел да се спречат немили настани и жртви. И во нашата земја Црвен крст секогаш е во функција и ја помага секоја можна акција за зачувување на водата. Тоа опфаќа бројни еколошки акции, како и промотивни материјали за подигање на свеста на луѓето. Исто така секогаш е вклучен во помошта која е потребна онаму каде луѓето се соочуваат со недостиг заради различни причини.
Оттука ја истакнуваме и важноста на Охридското езеро како најголемо слатководно и најзначајно природно езеро во Македонија. Охридското езеро е најстаро езеро во Европа, со голем број на ендемски видови, богата историја, културa, археолошки наоѓалишта и природна убавина со веќе изминати 42 години од кога е прогласено за Светско културно наследство под заштита на УНЕСКО.
Биди и ти дел од оние кои се грижат, да го направиме убавото уште поубаво, а потребното достапно. Да го цениме и заштитиме нашето непроценливо природно богатство – водата. Треба да работиме заедно на одржливо управување со овој скапоцен ресурс.