август 11, 2023

Поставени дата-логери за истражувањата во пештерите во Националниот парк Галичица

Какво е значењето на дата-логерите за истражувањата во пештерите во Националниот парк Галичица коишто се спроведуваат во рамките на проектот „Заштита на пештерските екосистеми и загрозените растителни и животински видови во Националниот парк Галичица од негативните ефекти на климатските промени“
Дата-логерите се електронски уреди кои имаат можност да вршат автоматски мерења на различни физички и хемиски параметри во кратки временски интервали и во реално време. Овие инструменти имаат широка примена и во пештерите.
Пештерите имаат специфична микроклима. Затоа од особено значење е спроведување на постојан мониторинг на микроклиматските елементи (температура на воздух, влажност, струење на воздух) за подобро разбирање на пештерскиот геосистем. Со споредување на податоците добиени од дата-логерите во пештерите и податоците од метеоролошките станици, кои се поставени надвор од пештерите, се утврдува надворешното влијание врз пештерите, климатската стабилност на пештерата и нејзината способност за регенерирање.
Во пештерите во Националниот парк Галичица во тек се вакви истражувања. Резултатите од овие истражувања ќе покажат во каква состојба се пештерските микросредини.
Проектот „Заштита на пештерските екосистеми и загрозените растителни и животински видови во Националниот парк Галичица од негативните ефекти на климатските промени“ е поддржан од Prespa Ohrid Nature Trust – PONT, a го спроведуваат Црвен крст на Република Северна Македонија – Општинска организација Охрид и Истражувачко друштво „Урсус спелеос“ – Скопје, во соработка со Национален парк Галичица.
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
< врати се назад