Недела на грижа на стари лица
Во рамки на глобалната кампања за борба против дискриминација по основ на возраст (ageism) под мотото #СветЗаСитеВозрасти (#AWorld4ALLAges) иницирана од Светска здравствена организација која траеше од 1ви октомври до 20ти ноември, како и во рамки на одбележување на “Неделата на грижа на стари лица” (15-21 ноември) Црвен крст на Република Северна Македонија-Општинска организација Охрид под мотото “Сите сме нивни деца” оствари бројни активности:
На 04.10.2021 д-р Виолета Мојсовска од ЈЗУ Специјализираната болница за превенција, лекување и рехабилитација на кардиоваскуларни заболувања–Охрид како дел од одбележување на Светскиот ден на срцето одржа едукативно предавање на корисниците и волонтери од Програмата – Грижа за стари лица -“Најди време”. Презентацијата беше насочена кон запознавање на присутните со кардиоваксуларните заболувања, нивните симптоми, дијагностички прегледи како и третман и терапија. Посебно внимание беше посветено на едукација за зголемениот ризик од компликации на Covid 19 кај пациентите со кардиоваскуларни заболувања и давање на препораки за заштита и подобрување на квалитетот на животот кај оваа група на пациент
На 18.10.2021 д-р Соња Стурлакова Димовска одржа едукативно предавање на корисниците и волонтери од Програмата – Грижа за стари лица – “Најди време”, а овогодинешнaтa тема беше ‘‘Здрави животни навики и дијабетот”. Предавањето има за цел подигнување на свеста на населението, за тоа што претставува дијабетот, колку е застапен во светот и превенција од појава на шеќерна болест преку промовирање на здрави животни навики.
На 18.10.2021 во просториите на Црвен крст Охрид волонтерите од Програмата – Грижа за стари лица – “Најди време” организираа литературно читање на поезија и проза, лична и избрана поврзана со хуманоста и дадената глобална тема на заедничкиот пристап на сите генерации во хуманизирање на животот со инклузивни модели и чекори.
На 20.10.2021 во рамки на Неделата на борба против гладта(16-22.10.2021) беа поделени хуманитарни пакети со прехрамбени производи на старите лица кои се корисници од Програмата – Грижа за стари лица – “Најди време”.
На 12.11.2021 и 15.11.2021 во рамките на одбележувањето на „Неделата на грижа за старите лица“ се одржаа две работилници од едукативен, креативен и забавен карактер. Беа разработени следните приоритетни области: дисеминација, физичка активност и правилна исхрана, ментално здравје и психо-социјална поддршка, активно страење и промовирање на здрави животни стилови. Основната цел на овие интерактивни работилници беше унапредување на квалитетот на здравјето, создавање на потенцијал за добро здравје и унапредување на лични вештини за грижа за сопственото здравје. Работилниците беа водени од страна на долгогодишните волонтери Ранко Раткушиноски (психолог) и Катерина Наумоска (политиколог).